Грците реагирале, организаторите прифатиле да ја заменат придавката
Организаторите на Меѓународниот саем во Франција ги промениле термините „македонско вино“ и „македонско лозје“ за вината од Северна Македонија, пишува бугарски „Труд“, а јавува дописникот на медиумот од Атина.
Станува збор за меѓународниот натпревар за вино “Citadelles du Vin“ кој се одржува во Франција, а според бугарскиот медиум организаторите почнале да ги заменуваат термините „македонско вино“ и „македонско лозје“ со термините „вина произведени во Северна Македонија“. Ова следувало по реакција на економската и трговската канцеларија на Грчката амбасада во Париз, сигнализирајќи дека тие термини не смеат да стојат во промотивните материјали на настанот.
“Поради фактот што географското потекло ‚од Македонија‘ грчките производители на вино го имаат заштитено за ЕУ, горенаведените термини го прекршуваат acquis communautaire и грчките власти (Министерството за надворешни работи и Министерството за развој на селските реони и за храна) ги презедоа потребните приговори до организаторите, но и до други тела и служби во Франција“, се вели во соопштението на Здружението на производители на вино од Северна Грција.
Инаку во Преспанскиот договор за ова прашање меѓу другото пишува: „Двете страни се согласуваат да им дадат поддршка и да ги охрабрат нивните деловни заедници да воспостават искрен, структуиран и во добра волја дијалог, во чии рамки ќе бараат и ќе постигнуваат заемно прифатливи решенија за прашањата кои произлегуваат од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитни знаци и за сите релевантни прашања, на билатерално и на меѓународно ниво“.
Факт е дека во Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција не беа договорени трговските марки и како тие во иднина ќе се именуваат, прашањето за кое актуелната влада на Мицотакис предложи повеќе идеи. Од грчката амбасада појасниле и дека нивната реакција не е против Преспанскиот договор, а дека трајните законски решенија треба се дефинираат преку меѓународна експертиза.
За потсетување, Мицотакис лани го промовираше проектот „Macedonia the GReat“. Македонското МНР тогаш излезе со срамежлива реакција дека тоа ја поткопува меѓусебната доверба меѓу двете земји.