Речиси две третини (65%) од населението во Македонија не се согласува со вметнување на Бугарите во Уставот, што е неопходно за продолжување на преговарачкиот процес со ЕУ. 26%, пак, сметаат дека треба да се направат уставните измени.
Ова е резултат од истражувањето „Европа во криза. Последиците врз јавното мислење во Северна Македонија“ изработено од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и Фондацијата „Кондрад Аденауер“. Анализата е направена по спроведена телефонска анкета од 17 до 30 ноември 2022 година преку национален репрезентативен примерок од 1005 испитаници.
Ако се анализираат одговорите по етничката припадност на испитаниците, се добива појасна слика за групата која го сочинува мнозинството што одговориле „не“.
Од Македонците, само 15 отсто сметаат дека Бугарите треба да се внесат во Уставот, додека високи 80 отсто се против. Од Албанците, пак, 53 отсто сметаат дека треба да се направат уставните измени, а 32 отсто одговориле не.
Ова прашање е анализирано и од аспект на која политичка партија се поддржувачи испитаниците, па така дури 89% од оние што на минатите избори гласале за ВМРО-ДПМНЕ се против уставни измени. Пред нив се само гласачите на Левица со 92%.
Повеќе од половина (59%) од испитаниците кои го дале својот глас за СДСМ не се согласуваат со овие уставни измени, на сметка на 39% испитаници од истата партија кои сметаат дека овие уставни измени се пожелни. Интересен е и податокот дека 72% од испитаниците кои не гласале на минатите избори се согласни дека Уставот не треба да подлежи на измени, покажува истражувањето.
Дел од истражувањето е и анализа на тоа кој според граѓаните треба да биде најголем економски партнер на Македонија.
Резултатите покажуваат дека речиси половина (49%) сметаат дека тоа треба да биде ЕУ. Понатаму, за САД се определиле 21% од испитаниците. Трета е Турција со 14%, потоа следуваат Русија со 12% и Кина со 11%.
Во ЕУ граѓаните препознаваат и најголем донатор (дава пари за развој) на Македонија – 46% од испитаниците.
Едно од прашањата во анкетата било и „кој надворешен фактор има најголемо влијание во нашата земја“, на кое повеќе од половина (52 %) од испитаниците ги посочиле САД.
Дека ЕУ има најголемо влијание, пак, одговориле 21%. Потоа следуваат Русија и Бугарија со по 4%, Германија со 3%, Турција со 2% и Албанија, Србија, Франција Кина со по 1%.
Интересно е што наспроти традиционалното мислење дека Албанците ги сметаат САД како највлијателен фактор во земјата, годинава мнозинството етнички Македонци (55%) се оние кои ги рангираат САД на прво место и се со мала предност во однос на истомислениците меѓу етничките Албанци (51%).
Анализата на јавното мислење ги опфаќа и ставовите на граѓаните околу поддршката за алтернатива на ЕУ како Евроазиската унија предводена од Русија. Бројот на оние кои се против во последните три години е ист (53%). Бројот на оние кои би поддржале таква алтернатива за ЕУ, пак, во 2022 бил 32% што е пад за 3% во споредба со 2021, а за 7 во споредба со 2020.
