По повеќе од две децении Австралија годинава ќе се изјаснува на референдум, при што Сенатот ќе донесе закон за одржување на гласање за Гласот на домородните при парламентот, подоцна оваа година. Според Австралиската изборна комисија, за да биде успешен референдумот значи дека е (1) неопходно да се добијат повеќе од 50 отсто од гласовите „за“, но и дека (2) позитивно мора да се изјаснат мнозинството гласачи во најмалку четири од шесте австралиски сојузни држави.
Уставните референдуми се доста ретки во Австралија и само осум од 44 биле успешни. Последниот одржан референдум во 1999 година беше неуспешен – се гласаше дали Австралија треба да стане република.
Сенатот на Австралија во понеделникот гласаше за одржување референдум за промена на Уставот на земјата за признавање на Абориџините и жителите на островите на Торесовиот Теснец. Сенатот донесе одлука со 52 гласа „за“ и 19 „против“, со која се потврди текстот на уставните измени, кој ќе биде ставен на референдум, откако долниот дом на парламентот во мај го усвои нацрт-законот.
Целта на референдумот е да им се даде можност на Абориџините и на жителите од островите во Торесовиот Теснец да ја советуваат владата во рамките на процедурите во парламентот за прашања кои ги засегаат нивните заедници (во духот на Бадентеровото мнозинство во македонскиот парламент).
Референдумот ќе се одржи пред крајот на 2023, најверојатно во октомври.
-Заедно можеме да направиме историја со признавањето и внесувањето во Уставот на Абориџините и жителите од островите во Торесовиот Теснец, изјави прајминистерот Ентони Албанезе.
Министерката на домородните Австралијци, Линда Барни, на прес-конференција изјави дека ова е еден чекор поблиску до давање глас за потребите и аспирациите на домородните Австралијци.
Со гласањето во Сенатот се завршуваат парламентарните процедури и сега прајминистерот Ентони Албанезе ќе треба да одреди датум за референдум, кој мора да се случи не порано од два и најдоцна до шест месеци.
Конкретното прашање на гласачкото ливче ќе биде:
„Предлог закон: да се измени Уставот за да се признаат првите народи на Австралија со формирање Глас на Абориџините и жителите од островите во Торесовиот Теснец. Дали ја одобрувате оваа предложена промена?“
Предлогот постои некое време – тој беше направен како дел од “Улуру-изјавата, од срце“ уште во 2017 година.
Предложениот „Глас“ ќе биде независно советодавно тело од 21 човек кое може да ги советува парламентот и владата за прашања кои влијаат на животите на Абориџините и жителите од островите во Торесовиот Теснец.
Критичарите тврдат дека домородните народи веќе се претставени во парламентот – сега има 11 пратеници што ги претставуваат домородните луѓе, што е 4,8 отсто од парламентарниот кворум. Абориџините по последниот попис сочинуваат околу 3,2 отсто од 26 милиони жители на Австралија. Со воведување на “Глас до Парламентот” тој би можел да дејствува како трет дом на парламентот и потенцијално да става вето на закони.
