Македонската фудбалска репрезентација на „Олд Трафорд“ го запиша најнегативниот резултат во својата историјата – Англичаните немаа милост, победија со 7:0.
Англија важеше за фаворит, но тешко дека некој претпоставуваше оти ќе биде вака убедлива, со оглед дека во последните години Македонија важеше за „убиец на фаворити“. Уште повеќе што досега македонските фудбалери досега немаа пораз на тлото на Англија.
Сега, по оној пораз од Украина во Скопје и со овој, Македонија сосема се оддалечи од сонот за настап на уште едно Европско првенство. Од Групата Ц на ЕП одат само првите две селекции, а моментно на табелата води Англија (12 бодиви), следена од Украина (9 бодови), Италија (6), Македонија (3) и Малта (0).
На стадионот “Олд Трафорд“ во Манчестер Македонија настапи во горе-долу стандарниот состав (Мусли не играше во одбраната, на негово место стартуваше Велковски). Со оглед на лошата форма на играчите (речиси никој не е стандарден во своите клубови) селекторот Милевски имаше разработено одбранбена стратегија. И таа одолеваше на Англичаните се до 29 минута кога Хари Кејн, по асистенција на Шо од левата страна, го најде патот до голот на Македонија и го отвори резултатот. На вториот гол се чекаше 10 минути, Сака по долга акција од десната страна зголеми на 2:0. Целосен распад на Македонија се случи на крајот од првиот дел кога Рашфорд донесе убедливи 3:0.
Англија со веќе обезбедена победа влезе во вториот дел, но желна за уште некој гол. Сака со два гола за само четири минути ја навести големата катастрофа на македонската репрезентација. Прво во 47 минута играчот на Арсенал успеа да погоди по асистенција на Александер-Арнолд, додека во 51 минута Кејн го „извади“ Сака сам пред Димитриевски за „петарда“ во гостинската мрежа, така што крилниот играч на Англија го комплетираше својот „хет-трик“.
Ниту измените на Благоја Милевски не донесоа ништо ново кај македонската селекција, а Англија и покрај неколку нови играчи во составот продолжи во ист стил. Се играше 64 минута кога Филипс лесно погоди во празниот гол, после лошо расчистување во одбраната. Во 73 минута Кејн од пенал донесе и 7:0 за Англија. Пеналот го направи Бејтулаи кој стартуваше врз Стоунс, по што Ковач покажа на белата точка.
Англија не застана и до крајот на натпреварот напаѓаше да постигне уште некој гол, да ја направи оваа победа поубедлива. Ударите на Фоден и на Филипс за среќа не завршија на вистинското место, па Македонија покрај примените гола се спасуваше и од поголема катастрофа од оваа.
Со овој меч завршуваат настапите на Македонија за оваа сезона, а следните мечеви се во септември против Италија дома и Малта на гостински терен.
НАЈТЕШКИТЕ ПОРАЗИ НА МАКЕДОНИЈА ВО 30-ГОДИШНАТА ИСТОРИЈА
7 јуни 1995 – Белгија 0:5 (дома) – квалификации Еуро96
7 октомври 2001 – Словачка 0:5 (дома) – квалификации СП02
14 ноември 2001 – Унгарија 0:5 (гости) – пријателска
8 јуни 2005 – Чешка 1:6 (гости) – квалификации СП06
7 септември 2005 – Финска 1:5 (гости) – квалификации СП06
15 октомври 2013 – Србија 1:5 (гости) – квалификации СП14
8 септември 2014 – Шпанија 1:5 (гости) – квалификации Еуро16
19 јуни 2023 – Англија 0:7 (гости) – квалификации Еуро24