Кинеската „Ексим банка“ го прекинува натамошното финансирање на градбата на автопатот Кичево–Охрид, во изведба на кинеската фирма „Синохидро“. Сепак ќе доисплати 51 милион евра од договорените средства. Македонската Влада планира да ја заокружи изградбата со средства кои ЈП за државни патишта ќе ги позајми од домашните банки.
– Од некакви причини финансирањето од кинеската „Ексим банка“ веќе е прекинато. Бевме известени дека ќе го прекинат финансирањето, но ние се снајдовме и благодарение на успешната акција на Министерството за транспорт и врски и потпретседателот на Владата, Александар Николоски, и на директорот на ЈПДП Коце Трајановски како и на луѓето од мојот кабинет кои учествуваа во овој процес, се обезбеди доволна сума за да можеме конечно да го завршиме овој проект. И, како што ветивме, да го пуштиме во употреба, изјави минатата седмица премиерот Христијан Мицкоски.
Од ЈПДП објаснија дека финансирањето на изградбата на автопатот од страна на „Ексим банка“ е прекинато од причини што претходната Влада, по вториот заем (кредит), испратила писмо до кинеската државна банка дека понатамошното финансирање ќе биде од страна на Република Македонија.
– Од ноември 2013 година, кога компанијата „Синохидро“ потпиша договор за изведба на проектот за автопатот Кичево–Охрид со Јавното претпријатие за државни патишта на Македонија, по барање на македонската страна, „Извозно-увозната банка“ на Кина (EXIM банка) обезбеди основен заем и дополнителен заем за овој проект, во вкупен износ од приближно 529 милиони евра. Во ноември 2018 година, СИНОХИДРО и Јавното претпријатие за државни патишта потпишаа Третиот анекс-договор, со кој се предвиде зголемување на обемот на работите на КО-проектот и зголемување на договорната вредност за околу 187 милиони евра. По апликација на македонската страна, Ексим банка на Кина обезбеди дополнителен заем во износ од 179,7 милиони евра, при што двете страни на 12 декември 2019 година потпишаа договор за дополнителен заем. Заклучно со февруари 2026 година реално се исплатени 478 милиони евра, додека останатите 51 милион евра ќе продолжат да се исплаќаат согласно со одредбите од договорот, за потребите на КО проектот, објаснија од Амбасадата на НР Кина во Скопје.
Од Амбасадата додаваат дека поради дополнителни проекти и изградба на косини од македонската страна, обемот на работите повторно се изменил.
Со отстапувањето на „Ексим банката“ од Кина македонската Влада ќе треба да најде дополнителни околу 200 милиони евра за заокружување на изградбата на автопатот Кичево-Охрид.