“Една од најголемите европски земји, членка на Европската унија (ЕУ) во скоро време ќе донесе Резолуција со која го потврдува македонскиот идентитет и македонската култура“ – објави Ковачевски по лидерската. Се работи за СР Германија која спремаше ваква декларација и пред Преспанскиот договор
Мицкоски побарал европските институции да го гарантираат македонскиот идентитет, да подготват економски пакет за македонските граѓани и бизнисот како и гаранции дека Бугарија ќе ги спроведе одлуките на Европскиот суд за човекови права а кои се однесуваат на правата на Македонците во Бугарија
– Позитивно сум изненаден со тоа што за време на лидерската средба Христијан Мицкоски ми кажа дека за ВМРО-ДПМНЕ не претставува проблем да се внесат други народи во Уставот. Добро е што опозицијата се соочи со реалноста и ако добро ја анализираат Преговарачката рамка, исто така ќе се согласат дека во неа се содржани доволно гаранции за македонскиот јазик и идентитет. Ова не е процес на еден човек и една политичка партија, на една Влада, туку процес во кој треба да учествуваат сите за подобра и попросперитетна иднина. Моја лична цел, а и на Владата, е овој процес да продолжи, а оваа наша цел е поддржана од нашите стратешки цели, од ЕУ и САД, кои нагласија дека ова е вистински момент, прозорец за проширување на ЕУ и можност за влез на земјите од Западен Балкан.
Се прави јасна дистинкција за тоа дали ќе ја интегрираме државата во ЕУ или ќе ја оставиме изолирана земја, така што сметам дека е добро дијалогот што се води да продолжи и на крајот да изградиме заеднички став дека за државата е најдобро да биде интегрирана во ЕУ.
Предложив да го направиме следниот чекор заедно и консензуално да ги изгласаме уставните измени, бидејќи тоа е вистинското решение кое граѓаните го очекуваат од нас. Доколку тоа се направи, предложив веднаш после гласањето да одиме на предвремени парламнетнарни избори.
Тоа сум го предложил и порано, меѓутоа во текот на изминатиот период, слушајќи ги изјавите, сфатив дека за ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски е многу важно да бидат дел од власта, и за да покажеме дека не се водиме само од своите партиски интереси, предложив откако заеднички ќе го изгласаме отворањето на уставот, и веднаш утредента ВМРО-ДПМНЕ да влезе во владата, при што СДСМ ќе ослободи половина од своите места во владата за ВМРО-ДПМНЕ. Така ќе обезбедиме влада што ги обединува сите партии што посакуваат европска иднина, кои го покажале тоа и во минатотото.Таа влада ќе го спроведе процесот на уставни измени, ќе го спроведе и скрининг процесот којшто е во тек, а таа влада ќе ги отвори поглавјата, како втора фаза од преговарачкиот процес, и дури може и да затвори едно или две поглавја, од првиот кластер „Основи“ – а потоа ќе може да ги организира следните изборите.
На тоа додадов, дополнително, за да обезбедиме сигурност, уставните измени коишто ќе се донесат, во своите завршни и преодни одредби да имаат одредба, дека стапуваат во сила односно да важат од моментот на одржување на втората меѓувладина конференција. Се друго вон тоа е разговор надвор од Преговарачката рамка, која е донесена од сите 27 земји членки на ЕУ, доставена од француското претседателство – рече Ковачевски.
Тој посочи дека своите одговори на неговите предлози ги образложил самиот Мицкоски на прес конференција.
– Тој сметаше дека некои партии не треба да бидат дел од владата. Сметам дека таа влада треба да има широка поддршка, тоа треба да биде влада на обединување, на европска интеграција, а не влада на изолација и дестабилизација, бидејќи други сценарија може да доведат до други резултати во општеството, како што сме виделе во други држави каде се влечат еднострани, субјективни потези. За мене ова не е борба на власт, ова е борба за иднината на државата
Нашите деца заслужуваат да живеат во земја на ЕУ, но овде во својата земја, а не во туѓа – рече Ковачевски.
Во врска со тезите дека Преговарачката рамка може да се репреговара, Ковачевски потсети на спорот со името и дека во 2008 можело да се прифати предлог, подобар од сегашниот, и да се влезе во НАТО, но тоа не бедше прифатено и се изгубија драгоцени години. Тој потсети дека оваа преговарачка рамка е прифатена од сите земји членки на ЕУ.
– Подготвени сме да изнајдеме решение кое ќе донесе обединување и победа за македонските граѓани. Сметам дека овој дијалог треба да продолжи, разговаравме и за помошта од ЕУ, која секоја година е по околу 100 милиони евра, а оваа година и повеќе и очекуваме да расте и во иднина – рече Ковачевски.