Комисијата препорача: Без маски на училиште, без сертификат во кафеана

Комисијата за заразни болести, следејќи го трендот на паѓање на бројките на заразени во Македонија, излезе со нови препораки за олеснување на мерките: без маски на училиште, без вакцинален сертификат во ресторанските бавчи. Ќе се дозволи и зголемување на капацитетите на исполнетост во кина, театри и други објекти каде се одржуваат настани

Учениците од 1 до 9-то одделение да следат настава како и пред пандемијата, додека, пак, задолжителната обврска за носење на маски останува за наставниците и техничкиот персонал. Изолацијата кога има заразен ученик останува иста – дома седат оние кои биле во непосреден контакт со заболениот.

Од КЗБ со став дека со контрола на епидемиолошката состојба може и понатаму да има олабавување на мерките, но ќе се фокусираат и на вакцинацијата.

– На ваков начин, постепено олабавувајќи ги мерките согласно епидемиолошкиот ризик, доколку успееме да ја контролираме на терен епидемиолошката состојба, сметаме дека можеме не се доведеме во ситуација како што се доведоа земјите како што се Австрија, Германија, Велика Британија и Данска каде што имаше нагло зголемување на бројот на новозаразени, на хоспитализации и на починати, изјави Злате Мехмедовиќ, портпарол на КЗБ.

Доколку луѓето помалку им веруваа теориите на заговор, ќе имавме 3.000 помалку починати од корона

Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски смета со 9.100 починати од корона  Македонија не може да се пофали дека добро поминала во пандемијата.

– Голем удел во тоа имаат ширачите на теории на заговор, бидејќи доколку потрезвено и поразумно ги прифатевме вакцините кои што беа понудени рано во почетокот на пандемијата, сега сигурно ќе имавме барем две или три илјади помалку жртви. Многу простор им дадовме на разните теории, вели д-р Петличковски во емисијата „24 анализа“.

– Вакцините се некакво мерило. Имаме најнизок процент на вакцинација од одвај 41%. Зошто баш во овој регион, приврзаниците на теории на заговор ги прифатија ваквите небулози не можам да кажам, додаде Петликовски.

Според него, теориите дека ковидот е создаден за истребување на популацијата или дека е поврзан со 5Г или дека со авиони се прска алиминум-хидроксид се небулози и за дете од основно училиште со барем малку образование.

Останати вести