Поранешниот припадник на елитната армиска единица „Волци“ (бил подофицер надлежен за врски и комуникации во четиричлената патрола), кој потоа станал ИТ-експерт откако дипломирал на Славјанскиот универзитет со седиште во Свети Николе, бил дел од информатичкиот тим и додека претседател бил Иванов, потоа Стево Пендаровски, а сега и Сиљановска-Давкова. Она што е нејасно е кои биле мотивите на информатичарот да направи евентуален упад, со оглед на тоа што работел со договор на дело, но бил долги години во Кабинетот. Па мотивите за ова се поврзуваат со високопозиционирана личност во Кабинетот на претседателката.
Неовластениот упад во компјутерскиот систем се случил на 25 ноември лани, пријавен бил директно во МВР на 18 декември. Случајот го пријавил друг компјутерски техничар. Тој забележал дека има зголемени активности во компјутерската мрежа во Кабинетот, па имало сомнеж дека во мрежата биле инсталирани вируси за да се собираат податоци од компјутерите на вработените. Откако биле детектирани овие активности и кога случајот бил пријавен во МВР, со денови се „треселе“ и се проверувале сите телефони и компјутери на вработените.
Но, изминати се речиси 6 мсеци а Секторот за компјутерски криминал на МВР се уште не дава одговор што се случувало со компјутерската мрежа на претседателката, која е и истовремено и Врховен командант на земја членка на НАТО.
Другите шпекулации водат кон друга долгогодишна вработена во Кабинетот, од немнозинските заедници, на која ѝ биле одземени телефоните, а која наводно имала контакт со земјата од чие етничко потекло е, но оваа земја е членка на НАТО.
Додека за премиерот Христијан Мицкоски овие информации потекнуваат од некаков шпионски талог на општеството, претседателката рече дека Кабинетот нема електронски систем за класифицирани податоци и компјутерски да се изнесат класифицирани информации добиени од други институции.
Во недостиг на официјални конкретни одговори, информациите поврзани со овој случај се неофицијални, а она што е потврдено е дека осомничениот ИТ-техничар е суспендиран од работното место по инцидентот.