Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров предупредува од „реална опасност“ од Трета светска војна и го обвинува НАТО дека води т.н. прокси војна против Русија. Испораките на оружје од западните земји во Украина значат дека НАТО е „всушност вклучен во војната со Русија“, а Москва го смета тоа оружје за легитимна цел, рече Лавров во интервју за Руската телевизија.
Магацини, меѓу другото и во западна Украина, веќе беа цели на такви напади.
– Како да биде поинаку? Ако НАТО преку прокси влегува во војна против Русија и го вооружува тој прокси, тогаш во војната ќе се прави она што мора да се прави. Војната е војна, изјави Лавров.
Тој во интервјуто предупредува и од опасност од Трета светска војна.
– Опасноста е сериозна, таа е реална, не смее да се потцени, вели рускиот министер за надворешни работи.
На барањето за споредба со времињата од Кубанската криза, Лавров одговара дека тогаш „навистина имаше малку правила, напишани правила“, но „правилата на однесување“ биле прилично јасни – во Москва било јасно како се однесува Вашингтон, а во Вашингтон било јасно како се однесува Москва.
Но денес има малку правила, при што „истовремено се практично уништени сите други инструменти за контрола и неширење на вооружувањето“, нагласува Лавров и укажува на договорот за нуклеарно разоружување Нов Старт. Освен тоа, во времето на Кубанската криза во 1962 година постоел канал за комуникација кому лидерите на СССР и на САД му верувале, а денес таков канал нема и никој не се обидува да го воспостави, вели Лавров.