Лапорта откри што ќе биде со Левандовски, Де Јонг, Рапфиња…

Челниците на каталонскиот гигант Барселона веќе подолг период мака мачат со големата финансиска криза која најверојатно, барем привремено, ќе биде ставена под контрола.

Барселона пред некој ден се одлучи на нов очаен потег, односно ги продаде телевизиските парава за следните 25 години. Благодарение на таквата одлука клупската каса е побогата за 207.500.000 евра, а тоа значи дека Барса ќе биде и повеќе од активна за време на летниот преоден рок.

Како што пишува „Марка“, раководните лица планираат целата парична сума да ја потрошат на новите засилувања. Без никакво обесштетување на „Ноу камп“ ќе пристигнат Франк Кеси и Андрес Кристенсен, додека сериозна парична сума ќе биде одвоена за обесштетувањата на Роберт Левандовски и Рапфиња.

На последната прес-конференција, првиот човек на Барса, Жоан Лапорта, откри кои ќе бидат следните чекори на управата, а започна со клупската иднина на францускиот интернационалец, Осман Дембеле.

– Дембеле е личност која многу ја цениме. Играше на високо ниво во вториот дел од изминатата сезона и јас сум презадоволен од него. Неговиот статус е поврзан со финансиите. Не ни има кажано ниту да ниту не, но сме во постојана комуникација. Може да ги прифати нашите услови, но може и да ја одбие нашата понуда. Нема никаков ултиматум. Сега, кога ја добивме првата финансиска инекција, ние сме многу поопуштени, изјави Лапорта.

За разлика од фудбалските медиуми, кои веќе го преселија во Манчестер јунајтед, Лапорта откри дека холандскиот интернационалец, Френки де Јонг ќе остане на „Ноу камп“.

– Френки де Јонг е еден од најдобрите фудбалери на Барса и во целиот свет. Знаеме дека е желба на многу клубови, меѓу нив е и Јунајтед. Ние немаме намера да го продадеме, а мислам дека Френки сака да остане. Среќен е во Барса и ќе направам се што е во моја моќ така да остане. Сигурно дека ќе проразговараме со фудбалерите кои имаат плата над поставениот лимит, додаде Лапорта.

Претседателот на Барса немаше некоја поконретна информација кога е во прашање можниот трансфер на Роберт Левандовски за чии услуги челниците на Баерн (М) бараат околу 50 милиони евра.

– Левандовски е фудбалер на Баерн (М). Сите знаеме за каков играч станува збор, но мора да бидеме резервирани затоа што игра за друг клуб. Знаеме дека јавно има изјавено оти сака да игра за Барселона и ние сме горди на тоа. Сепак, мора да имаме почит кон Баерн (М), кој е еден од најдобрите клубови во светот, изјави Лапорта.

На крајот Лапорта откри каква е ситуацијата со бразилскиот интернационалец од редовите на Лидс јунајтед, Рапфиња.

– Го контактиравме Лидс затоа што Рапфиња сака да игра за Барселона. Сепак, во игра се уште неколку клубови. Трансферот на Рапфиња не зависи од тоа дали Дембеле ќе остане. Тренерот смета дека двајцата можат да играат во исто време, заврши Лапорта.

Останати вести