Левица оваа недела ќе ја достави иницијативата за референдум до ДИК со што ќе почне постапката за собирање на сто потписи за таа да биде доставена до Собранието.
Лидерот на партијата и пратеник Димитар Апасиев објави дека нивното референдумско прашање ќе гласи: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ, со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2020“. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, Левица нема директно да го „напаѓа“ Договорот со Бугарија, туку заклучоците кои ги усвои Собранието а се однесуваат на преговарачката рамка и францускиот предлог, објасни Апасиев.
Според него со вака дефинирано прашање е невозможно формално-правно собранискиот спикер Џафери да ја одбие нивната иницијатива за референдумско изјаснување.
Од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ засега нема реакција за иницијативата на Левица, а коментар од Џефери може да се очекува дури откако таа ќе стигне во Собранието.
Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски неизвесно е како ќе постапи Џафери за оваа иницијатива иако не исклучува дека освен правна, одлуката може да биде и политичка. За Арсовски вака формулирано референдумско прашање создава нејаснотии околу тоа кои заклучоци би се поништиле доколку референдумот биде успешен и дали Собранието би имало надлежност за тоа.
– Колку што успеав да се запознаам со иницијативата, таа се повикува на член 24 од законот за референдум, каде е дозволено референдум да се распише и по одлука на Собранието меѓународен договор. Во таа смисла, ќе видиме дали Џафери ќе го толкува како и за претходната иницијатива или бидејќи се распишува по тој член сепак ќе го дозволи референдумот, тука може да влијае и политиката. Прашањето на ВМРО-ДПМНЕ беше подобро конципирано бидејќи ги задолжуваше пратениците да донесат закон со кој се поништува законот за ратификација на Договорот со Бугарија. Вака формулираното прашање: дали сте против на продолжат преговорите на овој начин, не се знае што од таа рамка треба да се поништи. Односно дали пратениците треба да ја укинат преговарачката рамка, дали да го укинат Договорот со Бугарија, што конкретно ќе биде акцијата, изјави Арсовски за “Канал 5“.
Во заклучоците кои пратениците од власта ги изгласаа во јули стои дека Собранието ја задолжува Владата да ги продолжи разговорите со ЕУ и да се усвои Преговарачката рамка, што беше понудена од француското претседателство.
Апасиев очекува граѓаните на референдумот да гласаат “Против“, и на тој начин да се продолжи наративот од протестите кои се водеа под слоганот „НЕ“.
Апасиев: Ми го следат телефонот, ставен сум под ПИ-мерки
Од 7 јули сум ставен под ПИ-мерки. Ми го следат телефонот. Сега во Грција, за четвртата партија како што е Левица имаше афера каде што си дадоа оставки. Мене ме следеле физички, мислејќи дека имаме руски врски и со пари од Русија дека правиме протести пред Влада. Учени сме на ова – изјави лидерот на Левица, Димитар Апасиев во интервју за “Канал5“ телевизија. Тој потенцираше дека од Левица „не се плашат“.