И оваа година се одржа традиционалната литија или еордија низ улиците на Струга со моштите на свети Георгиј Победоносец и иконата на Богородица Гликофилуса (сладок бакнеж). Беше предводена од локалното свештенство и братството и сестринството од манастирите Бигорски, Рајчица и Пречиста на чело со епископот антаниски г. Партениј и високо преосвештениот митрополит тетовски-гостиварски г. Јосиф. Со традиционалните торжества поминаа низ повеќе струшки улици, покрај кејот на реката Црн Дрим, низ чаршијата и повторно се вратија во храмот „Свети Георгиј“, каде многуборјните граѓани им се поклонуваа на светињите.
Годинава прв пат присутен беше и Неговото блаженство архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан, бидејќи местото надлежен митрополит е испразнето по смртта на владиката Тимотеј.
Литијата, како што истакна архимандрит Кирил од Бигорското братство, ја карактеризира присуството на светите мошти на свети Георигиј од манастирот во Рајчица, неговата чудотворна икона од истоимениот храм во Струга, но годинава за првпат беше присутен и благословот на Пресвета Богородица Гликофилуса.
– Древноста на литијата, која навлегува во длабочината на вековите, сведочи за почитта на стружани кон свети Георгиј. Тој е како еден вид патрон на градот. Самиот збор еордија значи празнување. Тоа е древна манифестација, која на црковно-народен начин ја изразувала побожноста на стружани и околното население кон свети Георгиј. Пред 16 години е возобновена и денеска претставува една уникатна манифестација во Македонија, која ги возвишува срцата на верните и на сите граѓани, бидејќи влегува и во културното наследство на државата, истакна архимандрит Кирил.
Поворката, според традицијата, ја предводеше церемонијално полициско возило, кое на симболичен начин го одбележува чествувањето на свети великомаченик Георгиј, како покровител на полициските и безбедносни сили. Меѓу возилото и литијата дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, изработена од автентични материјали, којашто е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време. Во раката држеше палмова гранка како симбол на мирот и ја најави процесијата.
На чело на еордијата беше член од Бигорското братство со клепало, по него потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалти и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на Град Скопје, чудотворните икони на Свети Георгиј Победоносец и Богородичната икона „Гликофилуса“, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештениците, а потоа и моштите на светецот, придружувани и чувани од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот манастир, облечени во традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на којшто е претставен ликот на свети Јован Крстител. Зад сердарите оди сејменската гарда, облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на свети Георгиј Победоносец.
Верниците и сите добронамерници се движеа по гардата, а оние што не можеа да се вклучат во литијата поради многубројниот народ, останаа на двете страни од улиците и заедно со дечињата облечени во народна носија и цвеќиња во рацете поздравувајќи со со зборовите „Христос воскресна! Навистина воскресна!”