Јавете ако ги земете предвид и нашите позиции, порача премиерот Ковачевски
Францускиот предлог во ова форма е неприфатлив за Македонија – соопшти премиерот Димитар Ковачевски по средбата со лидерите на Европската унија во Брисел. Се работи за тоа што во Преговарачката рамка – која ќе биде “забетониран“ документ според ќе течат преговорите за прием на Македонија во ЕУ – сега се внесени речиси сите стари и нови барања на Бугарија освен забраната за називот “македонски јазик“. Преговарачката рамка за Македонија како нацрт документ постои уште од март 2019 кога беше одобрено отпочнувањето пристапни преговори. Француското претседателство сега внесе дополнувања според барањата на Софија за да се симне ветото ставено во декември 2019.
– Предлогот од ваква форма, каква што е во моментов, е неприфатлив за мене, за Претседателот на државата, за Владата, за коалиционите партнери и за граѓаните на Македонија, кажа Ковачевски.
Заблагодарувајќи му се на францускиот претседател Емануел Макрон за напорите кои го направила Франција за да го реши проблемот, тој ги соопшти црвените линии преку кои Македонија нема да прифати Преговарачка рамка.
– Предлог кој би бил прифатлив треба да ги гарантира клучните елементи: чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет. Историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка. Преговорите помеѓу Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнување на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот. Цврсти гаранции и од Бугарија и од ЕУ дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој се уште не е усогласен со Бугарија. И секако, секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на РС Македонија, наброја Ковачески.
Македонскиот премиер притоа порача дека доколку до истекот на француското претседателство (30 јуни) се постигне разбирање за македонските позиции, тој е подготвен да се вклучи во преговори за истите, за да се отворат преговорите со ЕУ до крајот на јуни.
Ковачевски на средбата со лидерите на 27 земји-членки им изразил незадоволство од текот на процесот за Македонија, со порака до нив:
– Македонија и Албанија, но и регионот, не смееме да дозволиме да тапкаме во место поради една земја членка која не успева да се искоординира и да обезбеди деблокирање на нашиот европски пат. Не смееме да дозволиме билатералните прашања да станат мултилатерален проблем, рече Ковачевски.
Македонскиот премиер рече дека во меѓувреме Македонија, Албанија и Србија активно и практично ќе ги имплементираат четирите слободи на кои почива ЕУ, ќе ги европеизираат општествата и ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните преку иницијативата „Отворен Балкан“.
– Иницијативата „Отворен Балкан“ не е замена за ЕУ, но е контекстот кој е потребен додека се приклучиме на семејството на ЕУ додека чекаме предвидливи кредибилни забрзани евроинтеграциски процеси, додаде тој.
Ковачевски информира и дека ја слушнал иницијативата на претседателот Макрон за воспоставување на европска политичка заедница како платформа за стратешки политички дијалог и одлуки кои се важни за целиот европски континент и оти ја поздравуваат оваа иницијатива и сметаат дека е важно да се воспостави токму во овој момент, но би сакале да видиме како ќе функционира и кои се конкретните цели.
– Би сакал да заклучам со следново. Сите 27 лидери, 27 нации, 27 земји кои се приклучија на ЕУ сите се приклучија гордо со сите различности и со целосна почит за своите и за туѓите културни, лингвистички и историски различности. Ништо од ова не било проблематизирано на европскиот пат. Тоа е она што и ние го посакуваме. Ништо повеќе и ништо помалку. Почит за лингвистичкиот, етничкиот, културниот и историскиот идентитет на мојот народ и да се приклучиме во Унијата гордо заедно со сите членови на ЕУ, заедно со сите народи членки на ЕУ и секако исполнувајќи ги сите критериуми за членство, заклучи Ковачевски во обраќањето на прес-конференцијата во Брисел по завршување на Самитот ЕУ – Западен Балкан.