Следен и последен противник е Португалија. Мечот се игра на 30 март во 5:45 наутро за нашите во Австралија (Сиднеј/Мелбурн)
Македонската фудбалска репрезентација ја победи Италија со 1:0 и се пласираше во финалето на мундијалскиот плејоф.
Неверојатен успех постигнаа избраниците на Благоја Милевски, а натпреварот беше решен со голот на Александар Трајковски во судиското продолжение.
Се играше 92. минута кога по дегажман од голманот Димитриевски топката “доскока“ до Трајковски а тој направи само две-три чекора и од скоро 20 метри биеше дијагонално кон италијанскиот гол. Противничкиот голман се испружи колку што е долг но не успеа да ја скроти топката која отседна во долниот десен агол на мрежата.
Ова предизвика експлозија кај Македонците на стадионот во Палермо.
Италијанците инаку имаа иницијатива и повеќе шанси на средбата, но нивните стрелци (особено Имобиле) биеја непрецизно. Македонските репрезентативци одиграа компактно, на “италијански начин“ (со “катенаџо“ – катанец) и го решија противникот во клучен момент.
Нашите се бранеа, ги трошеа „аѕурите“, ги нервираа и кога се чекаше барем продолженија од два пати по 15 минути, дојде студениот туш.
Италија по СП во Русија во 2018 година, ќе го пропушти и ова СП во 2022 во Катар, што на Апенините е – трагедија.
Имаше наслови дека “трагедија“ на италијански се вика “Трајковски“.