Македонија и ги донира на Украина сите тенкови што ги купи од неа во 2001?

Македонското Министерство за одбрана потврди дека испраќа тенкови за Украина како донација.

Од МО посочуваат дека се работи за тенкови кои се дел од тенковскиот баталјон на Армијата за кој е планирано да биде расформиран. И дека станува збор за „трета генерација тенкови кои со развојот на технологијата за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни со нашите побарувања за снабдување со западна платформа”.

Од МО додадоа дека во наредниот период би требало да се трошат и ресурси за нивно уништување, “што е нецелисходна активност за нашата Армија“.

Македонија во 2001 година направи голема набавка на вооружување од Украина, единствената држава која се согласи да ни продаде борбени авиони (СУ-25), хеликоптери (МиГ 24 и Ми 17), тенкови, повеќецевни ракетни фрлачи (Град) и муниција за нив. Русија тогаш одби, иако знаеше дека УЧК има намера да отцепи дел од Македонија.

Македонската влада тогаш, покрај другото, од Украина купи 32 тенкa од моделот Т-72А. Според соопштението на МО произлегува дека намерата е сите тенкови (30-ина, колку што се исправни) да бидат донирани во Украина. Веројатно е направен договор (по примерот на Полска, Чешка, Словачка, Бугарија, Романија) употребливото тешко вооружување од советско производство да и се даде на Украина а за возврат да се добијат поповолни услови за набавка на американско вооружување.

Македонската Армија има долгорочен проект „Набавка на лесни оклопни возила на тркала“ од САД, започнат во 2019, со цел да се опреми со борбени возила од американско производство:

– 54 оклопни транспортери “страјкер“ за целосно да ги замени БТР-ите од советско производство (моментно на хартија има над 100) и

– 96 JLTV (Oshkosh) со што постепено но целосно ќе ги замени и “хамерите“ (производство на САД) а кои по попис моментно се 80.

Најверојатно според НАТО распределбите за Македонија не е предвидено да поседува борбени тенкови (ги немаат ниту Албанија и Црна Гора), како што нема борбени авиони (“сухоите“ веќе беа донирани порано). Можеби тежиштето ќе се префрли на набавка на уште некој хеликоптер.

Останати вести