Македонија лани била меѓу трите земји со најзагаден воздух во Европа

Македонија е на 34. место во светот, а на второ во Европа според загадувањето на воздухот со ПМ честички. Извештајот за 2025 година, објавен на платформата „Ај-кју-ер“ ја рангира земјава веднаш зад Босна и Херцеговина, а пред Србија, со коефициент 21,2, што значи надминување на максималните вредности на ПМ 2,5 честичките за три до пет пати, пренесува „Мета.мк“.

Најзагадени градови во земјата минатата година биле Тетово и Струмица, со коефициент од 27,3, што значи дека вредностите на ПМ 2,5 биле пет до седум пати над дозволените граници. На 18. место на листата е Гостивар, а на 31. и 32. место се Кичево и Куманово. Скопје е на 113. место со коефициент од 19,1.

Ова е осмиот годишен Извештај за квалитетот на воздухот во светот на платформата, на кој може да се види дека Македонија лани имала најнизок просек на загадување на воздухот, во споредба со претходните години, кога коефициентот надминувал 35, односно алармирал за покачени вредности на ПМ 2,5 и до десет пати. Најзагадени месеци биле јануари, февруари и декември, а најчист воздухот бил во април и мај. И Скопје минатата година имало најмало загадување на воздухот во споредба со претходните години. Од 2018 година наваму коефицирнтот опаѓа секоја година од над 30 до под 20.

„Ај-кју-ер“ секоја година прави анализа на податоците за глобалното загадување на воздухот со користење на податоци од мониторинг станици од 9.446 градови во 143 земји, региони и територии. Споредено со претходниот извештај, 54 земји регистрирале зголемување на годишниот просек на PM2.5, а 75 забележале пад, две останале непроменети и 12 нови биле  претставени во овогодинешниот збир на податоци.

„Само 14 отсто од градовите во светот го исполниле годишното упатство на Светската здравствена организација (СЗО) за PM2.5 од 5 микрограми на кубен метар, што е намалување за 17 отсто“, нотирано е во извештајот.

Петте најзагадени земји лани биле Пакистан, Бангладеш, Таџикистан, Чад и Демократска Република Конго. Лони во Индија е најзагадениот град, со годишна просечна концентрација на PM2.5 од 112,5 микрограми – зголемување од речиси 23% од 2024 година и повеќе од 22 пати над упатството на СЗО. Њувудвил, Јужна Африка, беше најчистиот град во светот, со годишна просечна концентрација на PM2.5 од 1.0 микрограми.

Вкупно 25 најзагадени градови во светот се лоцирани во Индија, Пакистан и Кина, а во Индија се три од четирите најзагадени.

Во Македонија поради загадувањето во изминативе месеци имаше неколку протести. Главно се одвиваа во Скопје, каде беа организирани од иницијативата „Стоп за Усје“. Револтот е насочен главно кон Цементарницата, а актуелни се барањата за да се вклучат барањата и мислењата на граѓаните во новата А-интегрирана дозвола за „Усје“.

Останати вести