Македонија од 1 јануари е земја претседавач со ОБСЕ – најголемата безбедносна организација во која членуваат 57 земји и 11 медитерански и азиски земји-партнери на организацијата. Претседавањето се случува во време кога светот повторно се соочува со најголемиот предизвик – воениот конфликт во Украина.
Токму конфликтот во Украина и намалување на далекусежните последиците од кризата ќе заземат централно место во агендата на претседавањето со ОБСЕ во 2023 година. Мотото на претседавањето ќе биде „За луѓето се работи”, со цел да покажеме дека во суштината на сите големи меѓународни организации и структури лежи потребата да им се олесни животот на обичните луѓе, вели шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Обврските за претседавањето за Македонија формално започнаа со станувањето дел на тројката претседавачи на ОБСЕ заедно со Шведска, која улогата на претседавач ја вршеше во 2021 година и минатогодишниот претседавач Полска.
Ова е прво претседавање на Македонија со ОБСЕ. Првата теренска мисија на ОБСЕ во Скопје беше воспоставена 1992 година со главна цел спречување на прелевањето конфликти од регионот. Земјата стана членка на организацијата на 12 октомври 1995 година. Со сите свои активности во текот на веќе 28-годишното членство, државата прерасна од групата земји консументи на помош од оваа организација, во пренесувачи на позитивни искуства и генератори на стабилност.
Секретаријатот на ОБСЕ е во Виена, а организацијата во моментов има 12 теренски операции во Југоисточна Европа, Молдавија и Централна Азија, како и три независни институции: Високиот комесар за национални малцинства, Претставникот за слобода на медиумите и Канцеларијата за Демократски институции и човекови права – ОДИХР.
Претседавањето со ОБСЕ ќе чини A$7.7 милиони
Претседавањето со ОБСЕ ќе ја чини Македонија околу 5 милиони евра, информираше шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, но сепак, според него, придобивките што ќе ги има земјата се многу поголеми. Најголем трошок ќе биде Министерскиот состанок кој треба да се одржи кон крајот на годинава а на кој, меѓу другите ќе учествуваат и САД и Русија. За промоција на претседавањето со ОБСЕ, МНР ангажираше и агенција за која ќе се потрошат 100 илјади евра.
– Приоритетите на нашето претседавање ќе биде зајакнување на мисиите, посветеност кон таканаречените замрзнати конфликти, како и владеење на правото и борба против корупцијата. Особена важност ќе биде посветена на воената агресија на Русија врз Украина. Планирам првата посета како претседавач на ОБСЕ да ми биде Украина. Комуникација со Русија ќе има во Виена, амбасадорите се во постојана комуникација, но им е јасно укажано дека треба да се вратиме кон почитување на заложбите и принципите на ОБСЕ, а потоа да видиме како може тоа да се претвори во еден суштински дијалог на вредности, изјави Османи.