Македонската фудбалска репрезентација ја започна оваа 2022 година од истата позиција на која ја заврши ланската 2021 – 67-та позиција на Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Македонија немаше среќа да напредне како Албанија и Словенија и да искористи пад на некој близок ривал како во случајот на ДР Конго со назадувањето за две позиции. Поради Африканскиот куп на нациите, мундијалските квалификации во Азија, Јужна Америка и зоната КОНКАКАФ (Северна и Средна Америка) имаше сериозни поместувања на листата.
Македонија ја заврши 2021 година на 67-то место и од оваа позиција тргнува годинава, со прв предизвик мундијалските баражи кои се шанса за сериозен напредок. Првиот противник Италија е во топ десет, па било каква победа ќе донесе посериозно искачување на ФИФА-листата. Македонија остана на 1.367,23 рејтинг-поени, за 2,5 помалку од ДР Конго.
На врвот на листата има само една промена, Аргентина и Англија си ги заменија позициите, па сега „гаучосите“ се четврти, зад Белгија која останува лидер, Бразил и Франција. Англија е петта, Италија шеста, следат Шпанија, Португалија, Данска и Холандија.
Од ривалите во Лигата на нации, трите противници остануваат зад нас, Бугарија на 71-то место (без промена), Грузија на 86-то место (без промена) и Гибралтар на 203-то место (без промена).