Не откажувајте ги аранжманите за Кипар, Анталија, Тунис и Египет, апелираат туристичките агенции во Македонија. Според нив, и покрај тензиите на Блискиот Исток, овие дестинации се безбедни, а редовните авиолинии функционираат без прекин. Од Националната асоцијација на туристички агенции велат дека дел од граѓаните, поради страв, почнале да ги откажуваат веќе уплатените патувања, иако нема официјални предупредувања, а туристичките капацитети во земјата дестинација работат нормално.
Иако бесплатно откажување формално не е можно, македонските агенции се обидуваат да им излезат во пресрет на клиентите. Дел од хотелите ги враќаат парите за резервираното сместување, но проблем остануваат авиокомпаниите, кои одбиваат рефундација за авионските билети. „Додека лета авион, нема враќање на пари за клиенти кои се предомислиле“, рекле од „Визер“ кој е најголем превозник од Македонија до туристичките дестинации.
Педесет и седум жени од Скопје, кои имале уплатено 8-мартовски викенд на Кипар (кој инаку е дел од ЕУ) се откажале од патувањето поради ударот со дрон врз британската база на овој остров. За патувањето на Кипар следната недела веќе имало над 100 откажувања. Сите се воделе од препораките на македонското МНР и тие ќе добијат делумна рефундација за сместувањето но не и за авионот, бидејќи на Кипар нема прогласена вонредна состојба.
„Моментално нема откажувања на резервациите за велигденските празници, ниту за летните одмори, ама нема ниту побарување за лето за Турција и Египет каде што во моментов е затишје“, велат од една кавадаречка агенција која работи и со кратки аранжмани и резервации во хотели во Турција и Грција.
Од скопска туристичка агенција, пак, која исклучиво работи со чартер-аранжмани за Турција, Тунис, Египет и Шпанија, велат дека за Турција и Хургада (Египет) има понекое откажување, но не е страшно и тоа е занемарлива бројка.
Инаку, Министерството за култура и туризам на Република Турција и Агенцијата за промоција и развој на туризмот на државата (ТГА) ги информираа македонските медиуми дека туристичките активности низ целата земја се одвиваат нормално и вообичаено, а побарувачката за патувања во Турција останува на исклучително високо ниво.
Сепак, неспорно е дека војната околу Иран ќе има подолготрајни последици: поскапи аранжмани, неизвесни летови и потенцијално поголеми гужви на границите.