Македонските граѓани не престануваат да тргаат пари на страна ниту во актуелните услови на финансиска криза предизвикана од пандемијата.
Домаќинствата во банките чуваат А$7.52 милијарди, а нивното кредитирање е во помал износ.
Со штедењето се зголемува и интересот за недвижности, поради што подинамично растат станбените од потрошувачките кредити. Ова се дел од поентите што ги кажаа банкарските експерти на свеченоста по повод одбележувањето на 31 октомври – Светскиот ден на штедењето.
Претседателката на Македонската асоцијација за банкарство, Маја Стевкова-Штериева, рече дека денешното современо банкарство е многу поразлично од она пред 30 години, кога се сведувало на отворање тековни сметки и издавање чекови и понекој кредит.
– Без оглед што светот забрзано оди напред во ерата на дигитализацијата, нашата реалност покажува дека ние иако се дигитализираме, уште долго време ќе имаме потреба од експозитурите и шалтерите, а квалитетот на нашите работници и трудот вложен во комуникацијата со населението, ќе биде и понатаму многу значаен, нагласи Стевкова-Штериева.
Министерот за финансии Фатмир Бесими го изнесе податокот дека до крајот на август вредноста на депозитите достигнала 63 % од бруто-домашниот производ, а тие и понатаму растат.
Тој ги потсети банките дека конкуренцијата допрва им доаѓа, зашто се развиваат нови финансиски институции.
– Штедењето на годишно ниво има раст од 8%, информираше вицегувернерката Ана Митреска, но дополни дека се намалуваат орочувањата на долг рок.
– Со раст на штедењето се зголемуваат капацитетите на банките за финансирање на економијата. Сè поголеми се апелите за зелена економија. Банките можат да ја помогнат да ја забрзаме дигиталната и енергетската транзиција, како и во отстранување на некои тесни грла, дополни Митреска.