Македонското пензионерско друштво од Морнингтон Пенинсула го прослави Мелбурн кап 

Во духот на прочуената австралиска трка на коњи што ја запира нацијата за Мелбурн кап, Македонското пензионерско друштво од Морнингтон Пенинсула организираше прекрасен ден исполнет со забава, возбуда, дружење и добро расположение.

Членовите на друштвото имаа можност да уживаат во посебната атмосфера што ја носи Melbourne Cup, настан кој секоја година ја обединува Австралија и претставува многу повеќе од обична коњска трка. Елегантната облека, убавите шешири, свеченото расположение и неизбежното исчекување на победничкиот коњ се дел од традицијата што му дава посебен шарм на овој голем настан.

Гламурот и модната елеганција на Melbourne Cup, се речиси подеднакво важни како и самата трка и нејзиниот победник.

Наградниот фонд беше навистина импресивен, а победничкиот коњ годинава беше “Point Of Law”. Неговиот сопственик доби 4,5 милиони австралиски долари, од вкупниот награден фонд од 10,2 милиони долари. Покрај паричната награда, сопственикот на победничкиот коњ го доби и прочуениот трофеј „Loving Cup“, изработен од 18-каратно чисто злато, чија вредност се проценува на 1,02 милиони австралиски долари.

Сепак, за членовите на Македонското пензионерско друштво од Mornington Peninsula, најголемата вредност на овој ден не беше во милионските награди, туку во можноста за заедничко дружење, насмевки, убави разговори и создавање нови спомени.

Со вакви настани се негува заедништвото, пријателството и активниот социјален живот на македонските пензионери во Австралија.

Останати вести