Македонците во Грција оптимисти дека слободно ќе си зборуваат на својот јазик и веќе нема да имаат проблеми

– Македонците тука (во Грција -н.з.) во догледно време ќе можат целосно слободно да си зборуваат на својот јазик и веќе нема имаат проблеми. Верувам дека ќе можат. Ама… сака борба – вели Слободан Манѕов, односно Лефтерис Манѕас, еден од потписниците на основачкиот акт за “Центарот за македонски јазик“ во Лерин во изјава за серијалот „Три дена во Лерин и Мала Преспа“ на порталот „Рацин.мк“.

Тој додава дека прават се за да можат Македонците во Грција и младината, која не може да го изучува македонскиот јазик во училиштата, преку интернет слободно да го изучува јазикот.

– И не само тоа, велиме државата да преземе мерки (македонскиот јазик) да се учи во училиштата, во средното и на факултетите, вели Манѕов, односно Манѕас.

Според него многу од младите не го знаат јазикот, но токму поради тоа е формиран “Центарот за македонски јазик“.

– Ние им велиме да си го учат јазикот колку што можат преку “Центарот за македонски јазик“, ама и домашните да им зборуваат, мајките татковците, на македонски, за да го учат јазикот подобро – вели Манѕов.

НЕМА ДА ГО „ЗАГУБИМЕ“ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

Полн со емоции е исказот на Пандо Ашлаков по грчки Панајот Анастасијадис, од Овчарани, врутокот на преродбата на македонската традиција. За него е од исклучителна важност што оваа победа извојувана во грчките судови, го поттикна интересот за учење на македонскиот јазик меѓу младите и ги охрабри да се организираат во културно-уметнички друштва. Тоа е гаранција, вели Пандо, дека нема да го „загубиме“ македонскиот јазик.

– Јас сум горд зашто младите, иако до дваесет години повеќе им е интерес дали да студираат, девојките и момчињата, но после тоа почнуваат да бараат, да се прашуваат зошто татко ми и мајка ми го говорат тој јазик. И затоа, колку и да велиме дека го губиме јазикот, сега велам нема да го изгубиме оти ќе го учиме. Сакаат – не сакаат Грците, мора да ни дадат дозвола да го учиме јазикот, македонскиот јазик, уверен е Пандо во неговата изјава снимена во дворот на неговиот дом во Овчарани/Мелити.

Реката е помината, враќање назад нема

Во Горно Врбени, родното место каде што е роден војводата Александар Турунџев, уште еден од потписниците на актот за основање на “Центарот за македонски јазик“, некогашниот дипломец на Философскиот факултет во Москва Пеце Бенишев, по македонски, а на грчки Василијадис Петрос ги соопшти и идните планови за Центарот.

– Знаете, тие лекции сега засега се преку интернет. Понатаму ние сигурно ќе се бориме (изучувањето на јазикот) да влезе во основните школи, да влезе во средните школи и очекуваме да имаме катедра и на универзитетите. Имаме посебен Факултет на балкански јазици на кој само македонскиот јазик не е вклучен. Имаме направено молби и до државата, до Министерството за образование за да влезе јазикот (во програмите) на тие факултети за балканските јазици.

Бенишев ни откри дека такво писмо испратиле и во Истанбул, до Цариградската патријаршија за да се организира, како што вели тој, во нашите цркви во Грција службите да се вршат и на македонски.

Својот оптимизам Бенишев (на грчки Петрос) го крепи на одлуката за регистрацијата на “Центарот за македонски јазик“ и на досега отфрлени приговори и тужби на трети страни коишто го оспоруваат овој чин.

Се чини дека, барем досега, грчкиот суд се постави како што треба во однос на ова прашање.

На “Центарот за македонски јазик“ му претстојат уште многу искушенија. Основачите на Центарот, активистите на „Виножито“, Македонците и пријателите Грци, веќе ги знаат сите датуми за новите судски рочишта во разни инстанци и од разни тужители до октомври оваа година.

Но, како што рекоа некои од нив, македонскиот јазик е постојана борба, реката е помината и враќање назад нема. Македонскиот јазик секојдневно станува реалност за многу семејства како основно човеково право и како резултат на воспоставувањето пријателски односи меѓу двете земји кои со Преспанскиот договор создадоа услови за таа реалност.

Останати вести