Макрон: ЕУ сега треба да измисли неколку формати за брза интеграција на земјите од Балканот, Молдавија и Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон повика на проширување на Европската унија, но за да се направи тоа, според него, треба да се измислат неколку формати за да

се справат со аспирациите за членство на земјите од Источна Европа и Балканот.

– Да, ЕУ мора да се прошири. Да, тоа мора да биде одново смислено во смисла на структурата на управување и на целите. Да, мора да бидеме иновативни, да измислиме неколку формати и да ги разјасниме целите на секој од овие формат, кажа францускиот претседател на конференцијата „Глобсек“ во Братислава.

– Ова е единствениот начин за да ги исполниме легитимните очекувања на Западниот Балкан, Молдавија и Украина, кои што мораат да ѝ се приклучат на Европската унија и да ја задржиме геополитичката ефективност, но исто така, и климата, владеењето на правото и економската интеграција во ЕУ каква што постои денеска, додаде тој.

Според него, двете алтернативи на оваа негова идеја се да се остават земјите кандидати да чекаат на неодредено или да им се дозволи веднаш да се приклучат на постоечката структура на ЕУ со ризикот блокот да не може веќе да функционира.

Сепак, тој вели дека ситуацијата со проширување не смее да остане статус кво.

– Првата грешка би била да се остане на статусот кво, да му се даде надеж на Западниот Балкан на пример, Молдавија итн. И да се игра на факторот време. Верувам дека тоа би била огромна грешка. Сметам дека тоа би им дало простор на оние кои би сакале да ја дестабилизираат Европа. Еден ден би се разбудиле наутро и ситуацијата би била многу подраматична, рече Макрон.

– Но треба да се обрне внимание на спецификите на новите земји членки, кои ќе станат партнери во сите чувствителни области на ЕУ, а Унијата поради тоа ќе им поставува нови и нови услови во различни области. Унијата треба да се прошири, но истовремено ѝ треба реформа на нејзиното менаџирање, различни формати на дебати и да се знае кој за што е точно одговорен, а земјите од Западниот Балкан и Молдавија тоа треба да го знаат – порача Макрон.

Експерти: Потсетува на старите идеи на Макрон за концентрични кругови во ЕУ

Што велат експертите за новиот став на Макрон? Малинка Ристевска Јорданова, експерт за ЕУ, оценува дека францускиот претседател во нијанси ја менува реториката за проширувањето, ама истовремено остава многу неодговорени прашања, па и контроверзии.
– Тој признава дека проширувањето треба да се случи брзо, од геополитички причини, но и дека постојниот метод на проширување не функционира. Од друга страна, потенцира дека ЕУ не е создадена за „бескрајно проширување“ и дека проширување без реформи на ЕУ би било „катастрофа“ – вели Ристевска Јорданова во изјава за „Слободен печат“.
Според неа самите реформи во ЕУ неминовно значат одолжување на процесот на проширување поради сложеноста на процесот и диверзитетот на државите членки.
– Покрај тоа, инсистирањето на Макрон на „нови механизми, цели и формати“ во реформирањето на Унијата и „начини на соработка по области“ како начин ЕУ да се справи со кандидатите неминовно потсетува на старите идеи за концентрични кругови и варијабилна геометрија – постари идеи со француска провиниенција, или на поновите предлози и идеи за „фазна интеграција“ – објаснува таа.
За политикологот Иво Ранѓеловиќ, пак, изјавата на Макрон, како и која било во изминатиот период, е контекстуализирана во однос на ситуацијата во Украина, како и во рамки на самата ЕУ.
– Изјавата најавува реформирање на Унијата пред нејзино проширување, што за нас е дополнителен проблем. Брисел мора што поскоро да изнајде формат што ќе го забрза приклучокот на Западен Балкан во ЕУ, во спротивно треба да се коцка со фрустрацијата на општествата во регионов – вели Ранѓеловиќ за „Слободен печат“.
Според него изјавата на Макрон има само номинална вредност сè додека Унијата не донесе барем формална одлука за проширување.
А патот до формална одлука за проширување е долг. Од Европската комисија остануваат на ставот дека стојат зад проширувањето и поддршката на земјите кандидатки, но потсетуваат дека проширувањето е процес што го менаџираат институциите низ сериозни процедури.
Не помалку важен е и ставот на Унијата дека напредокот на секоја земја ќе зависи од сопствените заслуги во исполнувањето на Копенхашките критериуми, но притоа да се има предвид капацитетот на ЕУ за прием на нови членки. Како значаен импакт, меѓу другото, се споменува влијанието на идните проширувања врз буџетот на ЕУ, односно финансискиот капацитет на Унијата да ги поддржува своите политики. Новите членки, според ЕУ, би станале корисници на европскиот буџет, добивајќи значајни фондови за развој.

Останати вести