Марихуаната од Македонија во Србија влегла како „квалитетни лесни перници“

Марихуаната запленета во Србија дефинитивно влегла во Србија од Македонија и тоа во шлепер деклариран дека пренесува „квалитетни лесни македонски перници од Прилеп“ кои „требало“ да патуваат за Манчестер, Англија.

Во камионот наместо перници имало 200 кутии од по 6 килограми марихуана, натоварени во камионот на паркинг кај Свети Николе.

Марихуаната на паркингот кај Свети Николе била донесена од повеќе возила од „Алфафарм“ без полициска придружба и претоварена во камионот претходно деклариран како да ќе извезува перници за Англија. Перниците биле извадени од првиот камион и претоварени во втор камион, за да се направи место за кутиите марихуана. Возач на камионот што ја однел потоа марихуаната во Србија бил Александар Ивановски, кој е сега притворен.

Шлеперот ја преминал границата кај Табановце на Стара нова година, ноќта меѓу 13 и 14 јануари. Марихуаната била спакувана во двојно најлонско пакување, за да се намали мирисот и да не се предизвика внимание на кучињата трагачи на граница.

Камионот потоа бил растоварен во селото Коњух кај Крушевац, а возачот на крајот ја запалил приколката во која била пренесувана марихуаната за да се уништи секаква трага. Тврдел дека пожарот се случил од нему непозната причина додека возел. На тој начин официјално биле „изгорени“ и перниците кои наводно ги превезувал. А тие перници всушност биле складирани (скриени) на повеќе места низ Македонија. Кога изби аферата дел од нив биле однесени на осамени места и запалени, но дел сепак биле пронајдени.

Претходно, во декември 2025 година вработените во „Алфафарм“ добиле наредба да спакуваат над 8.800 килограми канабис во кутии кој бил донесен од струмички фабрики, по што работниците за 2 недели ја завршиле работата а потоа газдите ги испратиле на колективен одмор.

Останати вести