Мечот помеѓу Надал и Ѓоковиќ почна во мај,
а заврши во јуни

Спектакуларното четвртфинале меѓу Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ беше битка на двајца блескави тенисери во траење од 4 часа и 12 минути на „Филип Шатрие“ на Ролан Гарос.

Победи Шпанецот со 3:1 во сетови на меч кој почна во 20:45 часот на 31 мај, а заврши по полноќ во 1:15 минути на 1 јуни.

„Почнаа во мај, а завршија во јуни“, објавија од турнирот на официјалниот Твитер профил за новиот епски дуел на двајцата тениски великани.

Подобар беше Надал, кој е неприкосновен владетел во Париз, на Ролан Гарос. Неверојатна е енергијата на 36-годишниот тенисер кој имаше здравствени проблеми и се жалеше претходно дека има проблеми со дишењето, а пред четвртфиналето и на повреда на стапалото и најави дека можеби го игра и последниот меч во Париз.

Има шанса само да го подобри веќе уникатниот рекорд од 13 титули на Ролан Гарос, подвиг што го нема ниту еден тенисер на ниту еден гренслем во историјата на играта.

Шпанците и буквално го молат никогаш да не престане да игра тенис. „Немој никогаш да си заминеш“ е насловот на „Марка“ по брилијатниот меч меѓу Надал и Ѓоковиќ.

Двајцата играа по 59. пат и сега скорот е 30:29 во победи за Новак, а двајцата се дел од најдобриот и најтрофеен трилинг на тенисери со најмногу гренслем титули.

Заедно Надал, Ѓоковиќ и Федерер имаат дури 61 гренслем титула, а ако Рафа победи повторно на Ролан Гарос ќе има 22, односно две повеќе и од Новак и од Роџер.

Останати вести