Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека номинирањето на Таљат Џафери за технички премиер е неуставно и спротивно на Законот за Владата, затоа што тој не е предлог на најголемата политичка партија на власт.
– ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во техничката Влада, треба да номинира свои претставници, но истовремено да се воздржи од гласањето за составот на таа влада, зашто изборот на првиот човек кој ќе ја води таа влада е спротивен од законот на кој таа техничка влада се повикува, рече Мицкоски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Запрашан колку во изборот на претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ ќе влијае феноменот Данела Арсовска, тој кажа:
– Тој феномен, во смисла на Макијавели, си ја исполни својата цел, но доколку ја гледаме суштината, не ја исполни ни едноцифрен број проценти. Јас ценам дека ние многу научивме од грешките во минатото. Живи луѓе сме, правиме понекогаш грешки не сме идеални. И денеска да го гледам концептот на модерно Скопје пред мене, јас ќе го поддржам, но тоа што отстапи потоа градоначалничката со нејзиниот тим од тој концепт, тоа е друго прашање.
Прашан дали ако Гордана Силјановска-Давкова биде кандидатката за шеф на државата што ја поддрши партијата, би ја сметале за кандидат од партиската база, Мицкоски вели дека таа е дел од големото семејство на ВМРО-ДПМНЕ, исто како десетици, стотици илјади луѓе кои припаѓаат на најголемото политичко семејство ВМРО-ДПМНЕ.
– Како човек исклучително ја почитувам и ценам, поискусен колега од друга област, јас сум инжинер, таа е од правните науки, уставен експерт, меѓународно докажана, патриот, ковек кој ја љуби својата држава, кажа Мицкоски за Силјановска-Давкова.
– Јас сум убеден и ве уверувам вас и граѓаните дека идната Влада ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и јас како мандатар. Тоа ќе бидат историски најреформските години за Македонија како држава затоа што предвидуваме озбилна програма со сериозна трансформација на Македонија, кажа Мицкоски и додаде дека неговата партија очекува да освои многу повеќе од тие бројки на анкетите.
– Ние правиме анкети – некогаш две, некогаш три месечно – последната на изборен примерок од 1,000 испитаници по изборна единица ја направивме во ноември и бројките се дека ВМРО-ДПМНЕ во ноември се движи помеѓу 51 и 54, СДСМ се движи помеѓу 26 и 29, ДУИ има едно сценарио доколку оди заедно со Алијанса на Албанците споредено со тројната коалиција Движењето на Изет Меџити, Беса и Алтернатива и втората варијанта е кога ДУИ оди посебно и посебно оди Алијанса за Албанците, а тројната коалиција која веќе е официјална оди заедно. Бројките кои заедно ги делат се некаде 27-28 додека партијата Левица и партијата на градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски заедно делат некаде околу 12 пратеника.
Ценам дека со почетокот на кампањата, кога се мобилизираат граѓаните, структурите на партиите, потенцијалот на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде посилен и за мобилизација и не би бил изненаден ако бројката биде близу мнозинство во парламентот, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во емисијата „360 Степени“ на МРТ 1.