Пред зградата на Владата во Скопје во саботата се одржа големиот протест под мотото “Премногу е! Промени!“ во организација на ВМРО-ДПМНЕ. Имаше народ од сите делови на земјата кои организирано беа донесени во Скопје.
На протестот се обрати лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, кој рече дека е тука за да сведочи за тешкотиите и проблемите на народот, дека состојбата е неподнослива и дека е премногу!
– Сведоци сме на економски геноцид на Заев, Ковачевски и СДСМ! Промени на власта мора да има. И ќе има! Ви давам збор и се посветувам на тоа – рече Мицкоски.
Целта на овој протест беше да се испрати порака дека на народот му е преку глава од оваа Влада, од ова владејачко мнозинство, од економски и национални катастрофи и кризи. Во државата има активни 4 кризи, не е добра ситуацијата во економија, не е добра состојбата во енергетиката, а со последните потези на оваа Влада и дипломатските активности кои што ги прави очигледно дека Македонија ќе продолжи да биде обезличена земја доколку се прифати од овие предлози кои што ги слушаме.
– Главното ветување со кое дојдоа на власт беше евроинтеграцијата. А ние се уште сме во чекалницата. Дадовме многу а не добивме ништо. Поради погрешната политичка стратегија им се одзема иднината на генерации млади луѓе. Како продолжение на таа политичка агресија врз македонскиот народ пристигна последниот прдлог кој е актуелен деновиве. Да бидеме на чисто – тоа е капитулација. Бугаризација на Македонија на рати. Таму нема датум за почеток на преговори туку има услов: ако сакате преговори исполнете ги барањата на Софија. Не залажуваат дека боже го заштитиле македонскиот јазик. Според овој предлог она што досега беше наш проблем со Бугарија сега станува наш проблем со целата ЕУ. Но ова парче земја било и ќе остане нашата мајка Македонија!
Му порачувам на Димитар Ковачевски: одбиј го овој предлог, охрабри се. Ако ДУИ те напушти ние ќе те оправдаме. За промена на Уставот треба 80 пратеници и тоа зависи од ВМРО-ДПМНЕ. Додека сум јас претседател нема да се смени Уставот за да се вметнат бугарските барања во него! – истакна Мицкоски.
Од овој протест треба да започнат промените кои ќе водат до предвремени парламентарни избори и промена на оваа власт.
Беше речено дека оваа власт ги има узурпирано сите институции и сите процеси кои што може да ги видиме и затоа граѓаните порачуваат дека премногу е и оттука треба да почнат сите промени кои ќе следуваат. Таква власт нема да падне само по еден митинг. А кога една власт нема поддршка од народот таа својата доверба треба да ја испита, да ја провери на избори, а не да опстојува со вештачки истакнатото мнозинство со кое располагаат во Собранието. Имаа еден жолт картон од народот, тоа беа локалните избори на кои добија опомена. Очигледно не ја сфатија пораката иако порачуваа дека ја научиле, па поради тоа народот од платото пред Владата им порача дека е премногу и дека е време за предвремени парламентарни избори.
– Народот сака да се бори, сака да се избори за својата Македонија! Секој ден со СДСМ и ДУИ на власт сме поблиску до последниот ден на нашата татковина. Или ќе се бориме и ќе победиме, или ќе ја нема Македонија. Немаме избор! Ќе се бориме секој ден како во Собранието така и во општините, во институциите и на улиците. Сакам да предупредам дека не очекува исклучително тешка зима. Ако до крајот на ова лето нема договор за избори, ќе преминеме на целосна блокада на Собранието, на улиците, на институциите. И во таа борба ни треба секој поединец, ни треба општествена поддршка и сплотеност. Тешките времиња создаваат силни луѓе. Ви ветувам борба до последната капка пот, до последниот атом. Победуваме! – порача Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ ден претходно ги замоли оние што ќе дојдат на протестот да го понесат државното знаме (никому не може да му се забрани сонцето од Кутлеш, но ова е преседан од страна на најмакедонската партија).





