Мицкоски до Филипче: Виновен сум штоне сте в затвор туку уште уживате на јахтите во Паљури!

Граѓаните си одат од државата оти ве гледаат како уживате на јахтите во Паљури (туристичко гратче на крајот од првиот крак на полуостровот Халкидики), а не сте в затвор, му рече премиерот Христијан Мицкоски на пратеникот и лидер на опозицијата Венко Филипче на минатонеделната собраниска седница за пратенички прашања. 

Претходно, Филипче од собраниската говорница рече дека Владата предводена од Мицкоски изминативе две години не направила ништо, а на граѓаните им ветуваше мед и млеко.

– Ветувавте повисок животен стандард, економско заживување, ниска инфлација, раст на платите над растот на цените, повеќе странски инвестиции, помал буџетски дефицит, умерено задолжување, поддршка на земјоделците, иднина за младите, правда, реформи и европски напредок. Што добија? Поскап живот, празни паричници, празни фрижидери, презадолжена држава, партизирани институции, тендери, лаги и изолација. Ни 10 отсто од ветеното во програмата нема исполнето. Само лаги, изолација и партиски тендери. Буџетот е пред колапс, немате пари. Реформи нема, земјата ја туркате во изолација, секон трет граѓанин ја напушта државата. Кој е крив за сите овие неисполнети ветувања, кој е крив за овие изгубени 2 години, рече  Филипче.

На ова премиерот му одговори дека резултатите на негова Влада се многу подобри од времето на СДСМ.

– Велите секој трет човек планира да ја напушти Македонија, но знаете ли зошто? Затоа што ве гледаат вас во Дубаи како уживате на Харис Џиновиќ, а не сте во затвор. Затоа што гледаат како уживаат поранешни функционери на јахти, а не се во затвор. Е затоа се разочарани луѓето. Признавам дека сум виновен: тоа што поминаа две години, а вие уште уживате на јахтите во Паљури, наместо на друго место. Признавам дека сум виновен. Но, исто така ве гледам во очи и ви ветувам дека нема повеќе да ги разочаруваме македонските граѓани да гледаат како поранешни функционери уживаат на јахти и во мелосот на Харис Џиновиќ, рече Мицкоски од собраниската говорница.

Филипче на ова му одговори дека тоа што го зборува не е вистина, а вистната е дека државата е презадолжена, дека парите одат за партиски тендери и дека граѓаните немаат никаков бенефит од тоа како ја водат економијата во државата.

– Со вас, Христијане Мицкоски, ние сме на губитничката страна. Ќе останаме заглавени и слепо црево. Оваа ваша опсесија со поранешни функционери кои што плаќате да ги сликаат голи на плажа, јас веќе не можам да ја разберам, очигледно дека е во сферата на некоја психологија, рече Филипче.

Останати вести