Без гаранции не ми паѓа на памет да размислувам за уставни измени. Нашата позиција е јасна, ние не ги игнорираме обврските што претходната влада на СДСМ ги прифатила, за жал, но исто така не гледаме дека нашиот источен сосед прави нешто во насока на испорака на своите обврски. Очекуваме поробусна акција од ЕУ и кај нашиот источен сосед, односно кај нивниот партнер во рамки на европското семејство зашто сме виделе во минатото многу пати – кога се сакало се се можело, порача премиерот Христијан Мицкоски.
– За жал и ова раководство на СДСМ ја продолжува практиката на претходните да ги руши позициите на македонската Влада и на државата, да ги распродава идентитетските и националните приоритети од, за мене, неразбирливи причини. Освен да се задржат на власт по секоја цена. Не ги разбирам зошто мора да ги подриваат позициите на Владата којашто грчевито се бори, тоа што тие го распродадоа, изминатите 7 години кога беа во влада, да го поправи. И на меѓународен и на домашен план,“ истакна Мицкоски и додаде:
– Таканаречената Резолуција на СДСМ ќе се разгледува после изборите, така го разбрав раководството на СДСМ.
Но таму има историски фалсификати. Во годината кога славиме 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик, тие не убедуваат во Резолуцијата дека тој во Обединетите нации бил прифатен во 2019-тата година. А македонскиот, заедно со српско-хрватскиот и словенечкиот е влезен во ОН уште со приемот на СФРЈ, со трите службени јазици. Исто така лага е дека во 2005 година Северна Македонија добила датум за почеток на преговори, а точно е дека тоа го доби Република Македонија, односно тогашната држава која во меѓународниот поредок беше Поранешна југословенска Република Македонија. Исто така и во 2009 година прв позитивен извештај за отпочнување на преговори доби Република Македонија согласно Уставот. Тоа се историски фалсификати, јас не знам до кога овие луѓе од СДС ќе се служат со историски фалсификати, коментираше премиерот Мицкоски.
– И конечно, нашата позиција е јасна. Ние не ги игнорираме обврските што таа влада ги прифатила, за жал. Но, исто така, не гледаме дека нашиот источен сосед прави нешто во насока на испорака на нивните обврски и очекуваме исто така, поробусна акција од страна на Европската комисија и Европската Унија и кај нашиот источен сосед, односно кај нивниот партнер во рамките на европското семејство. Затоа што сме виделе во минатото многу пати дека кога се сакало, се можело.
Ние имаме јасна позиција – гаранции, коишто ги спомена претседателот на Европскиот совет, бидејќи македонскиот народ и граѓаните во Македонија без разлика на етничката припадност, многу дадоа во името на таа европска иднина на државата, многу дадоа, како ниеден друг народ во Европа. Сакате да тргнеме од 18-ти, 19-ти век па наваму да анализираме. Сега веќе да не зборуваме, последниов. Без такви гаранции, на памет не ми паѓа да размислувам за било какви уставни измени, истакна Мицкоски.
Тој е дециден дека никогаш нема да се откаже од македонскиот народ во соседството и насекаде во светот.
– Што со Македонците од другата страна на таа граница? Што со нив? Ќе се откажуваме ли секогаш како влади од македонскиот народ во соседството и насекаде во светот? Тоа јас нема да го направам. Никогаш. А треба само едноставно да се применат пресудите од Стразбур, ништо повеќе не треба да прават. Тоа е меѓународно право, Бугарија е потписник на тие конвенции. Само треба да го применат она коешто го донел Европскиот суд за човекови права во Стразбур, којшто е европска темелна вредност. Да може ОМО Илинден – Пирин да функционира како здружение на Македонците во Бугарија. И со тоа ќе се стекне ОМО Илинден – Пирин со право да претстави свој човек во Министерскиот совет за малцинства во Бугарија, како што имаат Евреите, Ерменците, Турците, Ромите итн. Заслужиле Македонците коишто, според пописот во 56-та година биле мнозинство во Западна Бугарија, а во 65-та магично 200 илјади исчезнуваат, во следниот попис да имаат свој претставник тамо. И јасно држење до Резолуцијата од јули 2022 година којашто ја гласаше Парламентот заеднички со 95 гласа. Ништо друго не бараме. Ова е тоа што го бараме. Ова се се факти. Кога ќе видиме подготвеност од другата страна, и ние сме подготвени да седнеме и да разговараме. А за оваа Резолуција, тоа малку што имаме да го кажеме ќе го кажеме после изборите, рече Мицкоски.