„Твоја Македонија“ – коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ – сега на своја страна има 61 пратенички мандат, изјави лидерот на партијата и иден мандатар.
Мицкоски објави дека веќе има мнозинство во Собранието.
– Можам да кажам дека како ВМРО-ДПМНЕ и коалиција „Твоја Македонија“ ги завршуваме разговорите со неколку пратеници кои не се дел од оваа коалиција. Успешно консолидиравме 61 пратеник. Не можам да зборам за тоа кои се тие дополнителни 3 пратеници но набрзо ќе ги дознаете деталите. Како коалиција „Твоја Македонија“, покрај 58 пратеници, ќе имаме точно 61 пратеник, но тоа нема да не повлече од идните разговори со коалиција „Влен“. Ја очекуваме и одлуката на Управниот суд да видиме што ќе се случува со изборните единици 5 и 6, изјави Мицкоски.
Заедно, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „ВЛЕН“ моментно би имале 74 пратенички мандати (согласно новата бројка објавена од Мицкоски).
Неизвесно е дали воопшто и „ЗНАМ“ ќе биде дел од новото парламентарно мнозинство. Нема најави за коалициски контакти.