Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека на претстојните праламентарни избори ќе биде носител на листата во Првата изборна единица.
– Јас сум роден и израснат во Скопје, живеам во општина Карпош, која е дел од ИЕ 1 и логично е да водам со оваа листа, рече тој.
Во интервју за порталот „Република“ Мицкоски додава дека ДУИ сигурно ќе замине во опозиција.
– На следните избори очекувам ДУИ да биде изненадена од бројот на освоени гласови. Овој лидер на ДУИ е многу сериозно вмешан во криминал. Нашата опција е да и дадеме можности на албанската опозиција. ДУИ треба да помине малку време во опозиција, да се освежи со нови идеи, вели тој.
Во врска со извештајот на ЕК за Македонија, Мицкоски го нарече го „Извештај за назадувањето“ и вели дека тој ја отсликува реалноста во земјата, каде цветаат криминалот и корупцијата а судството е оценето со најниска оценка до сега.
Се стеснува изборот и за претседателски кандидат од ВМРО-ДПМНЕ. Од првичните 22 кандидати, сега партијата го мери рејтингот на само 5-6 имиња и со едно од нив ќе истрча на претседателските избори напролет. Кој ќе биде тоа ќе се бира на конвенција, со одлука на сите делегати на партијата. Мицкоски е убеден дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ ќе добие акламативна поддршка и биде идниот шеф на државата.
Во интервјуто тој уште еднаш порачува дека нема да поддржат уставни измени под бугарски диктат, но дека идната влада која, според него, ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ нема да ја затвори вратата за разговори, туку дека се подготвени да дискутираат за европските вредности и принципи на Унијата.