Младите математичари од Македонија, Алексиј Тасиќ и Дамјан Давков, остварија голем успех на меѓународен натпревар во Австралија, а дома се враќаат со златен и сребрен медал.
На 66. Интернационална олимпијада по математика, која се одржа во Саншајн Коуст, во Квинсленд, златен медал за Македонија освои Тасиќ, а сребрен – Давков. И двајцата ученици веќе неколки години наназад се познати претставници на Македониј на меѓународните математички натпреварувања. Ова е прво злато за Тасиќ, а вкупно трето за Македонија на светската математичка олимпијада.
Пофалници освоија уште и Ивано Божиновски, Леонид Тодороски и Марко Серафимовски, а на олимпијадата успешно се претстави и Бранко Јангеловски.
Македонското учество на олимпијадата го организира Сојузот на математичари на Македонија.
Репрезентацијата ја водеа менторите Илија Јовчески од Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје и Мирко Петрушевски од Машинскиот факултет во Скопје.