Мнозинството Британци, 51%, сметаат дека државата не треба да го финансира крунисувањето на кралот Чарлс Трети на 6 мај, бидејќи трошоците за живот растат, покажа објавеното истражување на јавното мислење во Велика Британија.
Само 32% од испитаниците веруваат дека државата треба да го финансира крунисувањето на најстариот син на кралицата Елизабета Втора, која почина во септември, и крунисувањето на кралицата-сопруга Камила, покажа анкетата на “ЈуГов“.
Најкритични се младите на возраст од 18 до 24 години, од кои 62% сметаат дека државата не треба да го финансира крунисувањето. Тој процент се намалува на 44% кај оние на возраст од 65 и повеќе, 46% кај луѓето меѓу 50 и 64 години и 55% кај оние од 25 до 49 години.
Британската влада и Бакингемската палата не објавија никакви информации за цената на крунисувањето. Се очекува да чини неколку десетици милиони фунти.
Крунисувањето на Елизабета Втора во 1953 година чинеше тогаш 912.000 фунти, што е околу 20,5 милиони фунти денес, додека крунисувањето на нејзиниот татко Џорџ Шести денес достига 24,8 милиони фунти. Тоа беше најскапата церемонија во повеќе од 300 години.