Министерството за надворешни работи на Македонија, преку амбасадата во Канбера, реагирало до Министерството за надворешни работи и трговија на Австралија, како и до организаторот на турнирот Австралија опен поради скандалот со македонското знаме.
Беше забележано дека камерманите на АО имаа листа на знамиња кои не треба да ги прикажуваат, а меѓу нив и македонските (државното на МКД и семакедонското). За ова алармираше македонската редакција на СБС радиото. На листот со „забранети знамиња“ кај камерманите на тенискиот гранслем-турнир во Мелбурн наредени беа: руското, белоруското, тајванското, палестинското и израелското, а во редот под насловот „Macedonia“ двете знамиња на Македонците и она кое го веат Грците.
Една недела претходно извршниот директор на Австралија опен, Крег Тајли, објави дека гледачите во Мелбурн ќе бидат спречени да ги истакнуваат палестинските и израелските знамиња, според правилата кои им дозволуваат да носат знамиња само на навивачите што ги претставуваат играчите кои се натпреваруваат на годинешниот турнир. А од 2022 година Австралија опен има категорична забрана на руски и белоруски знамиња, поради војната во Украина.
„Од австралиското МНР и од организаторот на АО обивме уверување дека се работи за ненамерен пропуст – техничка грешка која е веднаш исправена и која не предизвикала ефективни ограничувања. Беше испратено длабоко извинување и уверување дека инцидентот нема да влијае врз силните врски помеѓу граѓаните на Австралија и Северна Македонија, кои се карактеризираат со пријателство и љубов кон спортот.
Организаторот појасни дека согласно важечките правила, на трибините за време на натпреварите на турнирот дозволено е да се веат само знамиња на учесниците на натпреварот.
Воедно добивме и потврда дека за време на учеството на нашата натпреварувачка Илина Ѓорчевска, официјалното знаме на земјата било присутно на трибините меѓу гледачите без никакви ограничувања“, се наведува во соопштението на македонското МНР.
Ѓорческа, инаку, загуби од Катаржина Кава од Полска со 1:2 во сетови во првото коло во квалификациите и не обезбеди пласман на главниот турнир.