МОЖЕ ЛИ АУКУС ДА ЈА ЗАДРЖИ КИНА?

Дали се реални надежите за создавање на ефикасен пакт АУКУС, сојузништво меѓу САД, Британија и Австралија против брзо растечката Кина? Откако Канбера го одби „договорот на векот“ за 12 француски дизел-подморници и преку ноќ ги замени со договор за изградба на подморници на нуклеарен погон во соработка со американските и британските сојузници, се чини дека недовербата на релација Париз, Лондон и Вашингтон ја отвори „пандорина кутија“ во трката за вооружување на Пацификот.

На самиот почеток на таа трка, позициите на земјите не се усогласени. Не само што на Франција не ѝ е пријатно да ги заостри односите со Кина, кога цела ЕУ сака да воспостави трговски односи со оваа земја, туку проблем се и Индија, Индонезија и Нов Зеланд традиционалните американски партнери, кои се неутрални од истите економски причини.

– Ние сме во процес на преминување, и тоа насилно, од меѓународен поредок во меѓународен неред. Морето уште еднаш го привлече вниманието на јавноста – рече во октомври адмиралот Пјер Вандие, началник на штабот на француската морнарица во францускиот парламент.

Во центарот на проблемот, секако останува кревката Австралија. Кревка затоа што ниту некогаш поседувала нуклеарна технологија или индустриска логистика за ова, а причината зошто не ги зема дизелашите на Франција е дека нуклеарните имаат помалку одржување, смена на гориво и имаа поголем домет, барем 3.500 милји од пристаништето Ран во Перт.

Прашањето e дали за кратко време Австралија ќе ги развие своите капацитети да одговорат на кризата во Тајванскиот теснец, која ионака ќе биде завршена до 2030 година. Во меѓувреме кинеската морнарица порасна за 138 отсто, а Тајван останува горко жариште и „кинеска црвена линија“.

Тројцата лидери од земјите на АУКУС, Бајден, Макрон и Скот Морисон имаат свои домашни проблеми. Ова ги отежнува надежите дека тие ќе ги убедат своите граѓаните во значењето и зачувувањето на пактот.

Скандалот со подморниците му наштети на Морисон, но и на американскиот претседател. Со тоа што Бајден рече дека мислел дека Франција била информирана за губењето на договорот за подморницата. Кога францускиот амбасадор во Вашингтон, Филип Етејн го запрашаа дали навистина Бајден не знаел за зделката, тој незгодно застана и кажа дека е важно да гледаме во иднината.

Една од тешкотиите за АУКУС е тоа што во голема мера сојузот е само концепт. За тоа говори и фактот дека австралиското незнаење и неискуство во нуклеарниот свет, ќе го пополни фаланга од поранешни американски поморски советници. Тие ќе одлучат каде и како ќе бидат изградени и поставени подморниците, а Скот Морисон има 18 месеци да најде кадар.

– Ниту една количина на волшебно размислување не може да го избегне фактот дека Австралија сега има јаз во капацитетот – рече Жан-Пјер Тебо, францускиот амбасадор во Австралија.

Без оглед на изборот, ниту една австралиска подморница на нуклеарен погон нема да работи во Јужното Кинеско Море до 2040 година, а дотогаш судбината на Тајван ќе биде запечатена. Првата француска подморница, напротив, требаше да биде готова до 2034 година, што значи дека австралиската класа Колинс ќе мора да се реновира или да се најде некое привремено решение.

 Другата продажна точка на безбедносниот пакт АУКУС – интензивна соработка за сајбер, вештачка интелигенција и квантно пресметување – исто така е под лупа. Технолошки напредните сојузници како Јапонија и Јужна Кореја се збунети од нивното исклучување во овој дел. На пример, САД претходно го одбија барањето на Јужна Кореја да ја сподели својата технологија за нуклеарен погон.

Тоа не значи дека АУКУС, колку и да се тешки породилните болки, нема воена логика или политичка поддршка. За Австралија, соочена со кинеската трговска војна и заканите за Тајван, беше легитимно да одлучи дека нејзините стратешки потреби се менуваат.

 Сведоци сме на будење на кинеската морнарица. Големината на кинеската морнарица се зголеми за 138 отсто помеѓу 2008 и 2030 година. Мојот претходник процени дека Кина лансирала еквивалент на нашата национална флота на секои четири години – рече францускиот адмиралот Пјер Вандие и продолжи:

– Едноставните патролни чамци на кинеската крајбрежна стража се всушност вистински фрегати од прва класа. Тие се чамци од 10.000 тони, нивната големина е поголема од онаа на нашите фрегати со иста големина вооружени со топови. Нивната мисија е да ги придружуваат рибарските флоти и дури се овластени да отвораат оган од измената на нејзиниот поморски закон.

Но, не секој во Европа, особено Франција е подготвена да биде толку флексибилна и великодушна додека ја преиспитува својата улога во Индопацификот.

Всушност, многу земји од југоисточна Азија тргуваат и со САД и со Кина, и колку што ја ценат слободата, тие претпочитаат да не избираат, туку да бидат некаде на средина вреднувајќи ги врските со двете суперсили. Тие не сакаат да бидат вовлечени во каква било трка во вооружување.

 Политичката елита во Сингапур, Јапонија и Филипините во голема мера го поддржува АУКУС, но Мичито Цуруока, вонреден професор на Универзитетот Кеио, истакнува дека Јапонија не е ентузијастичка за нуклеарните подморници.

Со население од 270 милиони луѓе расфрлани преку 17.500 острови, долга историја на колонијално потчинување и повеќекратни искуства на странска субверзија и мешање, Индонезија е земја која се гордее со својата неутралност.

 И Индија нервозно гледа. Гурџит Синг, поранешен индиски амбасадор во Германија и АСЕАН, рече:

– Порастот на партнерствата во регионот, како што се АУКУС и Quad, кои не се насочени кон Сојузот на јужноазиски нации (АСЕАН), нè загрижува. АСЕАН го гледа објавувањето на пактот АУКУС како зголемување на геополитичките ризици во регионот, бидејќи пактот има за цел да се спротивстави на зголемената кинеска воинственост – заклучува тој.

Во целата оваа приказна мора да биде поставено прашањето зошто САД и дава на Австралија таков тип на висока технологија, која досега ја имаат споделено само еднаш, со Велика Британија? Веројатно одговорот би бил дека или тоа е дел од интересот на Вашингтон или дека тоа е цената која мора да ја платат.

Во ова мерење на сили, Австралија и е еднакво потребна на САД исто како што и САД и е потребен на Австралија. Со подморниците на нуклеарен погон, Австралија ќе може да патролира околу клучните стратешки точки и теснеци како Ломбок, Сунда и Малака, како и за вршење на операции во Јужното Кинеско Море. Од друга страна, на САД би и било овозможено сместување на своите воени бродови во северните пристаништа на Австралија, што додатно би им го олеснило присуството во Индо-Пацификот.

Останати вести