Минатиот петок на гостувањето во Саншајн против екипата на хрватската заедница “магичните” ги поделија бодовите со резултат од 1:1. Двата гола беа постигнати во второто полувреме и имаше возбудливи моменти пред двата гола.
За првиот гол се чекаше до 52 минута, кога Мохамед Сумаоро преку еден брз контранапад се најде во шеснаесетникот на Вардар и со силен удар ја затресе мрежата за 1:0. Изедначувањето беше во неочекувано во 63 минута кога Роберт Хардинг натрча на уфрлената топка во казнетиот простор и од прва со силен удар ја смести во мрежата на домаќинот за 1:1.
Нерешен резултат со кој веќе без никаков сомнеж е обезбедено дека Алтона Маџик Вардар ќе биде надвор од опасната зона. Сега останува само прашање дали нашиот клуб ќе биде во завршницата на место повисоко или пониско од сегашната десетта позиција. Сигурен кандидат за испаѓање од лигата е Истерн Лајонс, а вториот кандидат ќе биде Хјум Сити или Данденонг Сити.
Во недела, на 21 август, Алтона Маџик Вардар во последниот натпревар за крај на сезоната ја пречекува екипата на Сент Албанс Саинтс со почеток во 15 часот.