Џорџ Крос и Алтона Маџик Вардар ги поделија бодовите во возбудлив натпревар кој заврши со резултат 1:1, иако “магичните” беа многу блиску до целосен плен.
Алтона Маџик Вардар прикажа пожртвувана и дисциплинирана игра, особено ако се земе предвид дека во завршницата од натпреварот остана со играч помалку. Првото полувреме помина без погодоци, со изедначена игра и претпазлив пристап од двете страни.
Во вториот дел Алтона Маџик успеа да го скршат отпорот на домаќинот. Во 57. минута Џон Мабук ја затресе мрежата и донесе водство од 0:1 за „црвено-црните“, кои потоа се обидоа да го контролираат натпреварот.
Сепак, ситуацијата се искомплицира во 77. минута кога Локлан Гилард доби црвен картон, оставајќи ја својата екипа со десетмина фудбалери. И покрај тоа, Алтона Маџик Вардар храбро се бранеше и беше на чекор до победа.
Домаќинот сепак успеа да стигне до израмнување длабоко во судиското продолжение, во 96. минута, кога Морган Филер погоди за конечни 1:1 и поделба на бодовите.
Во следното коло, Алтона Маџик Вардар на домашен терен ќе ја пречека екипата на Данденонг Сити. Натпреварот е закажан за сабота, на 2 мај, со почеток во 18:15 часот.