Престон Македонија и Грин Гали одиграа возбудлив натпревар кој заврши без победник – 2:2. Средбата на стадионот „Genis Steel“ се одигра без присуство на публика, согласно со одлуката на Фудбалската федерација на Викторија.
„Лавовите“ одлично го отворија натпреварот и поведоа уште во 4. минута преку Закари Кианки (италијанскиот изговор би бил Чанчи). Сепак, гостите брзо возвратија, па Билал Хабиб израмни во 8. минута, а само четири минути подоцна Елиоан Кифл го комплетираше пресвртот за водство на Грин Гали од 2:1.
Престон Македонија не се предаде и во продолжението постојано бараше израмнување. Наградата за упорната игра стигна во 63. минута, кога повторно прецизен беше Закари Кианки, кој со својот втор погодок ги постави конечните 2:2 и обезбеди заслужен бод за својот тим.
По натпреварот тренерот Зоран Марковски не го криеше разочарувањето што неговиот тим не стигна до целосен плен, но веднаш го насочи вниманието кон претстојното финале на Докерти купот кое е закажано за 8 август, и во кое ќе се игра со Хајделберг Јунајтед на стадионот „Лејксајд“, со почеток во 14:30 часот.
„Навивачите се столбот на овој фудбалски клуб. Многу ни недостигаа и со нетрпение очекуваме повторно да бидат со нас следната недела на финалето од Купот“, изјави Марковски.
Следниот предизвик за Престон Македонија во првенството е в недела, 16 август, кога на домашен терен ќе го пречека тимот на Данденонг Тандер. Натпреварот започнува во 15:00 часот.
ТАБЕЛА
Окли 48
Хјум Сити 43
Авондаел 41
Престон Македонија 37
Саут Мелбурн 35
Хајделберг 34
Џорџ Крос 32
Мелбурн Сити 30
Алтона Маџик Вардар 27
Сент Албанс 27
Данденонг Сити 26
Бентли 20
Грин Гали 15
Данденонг Тандер 15