За жал и покрај фактот што Престон ја имаше иницијативата и постојано се обидуваше да напаѓа, на крај мораше да се задоволи со еден бод од гостувањето кај Даутон. Домаќинот мудро ја одигра средбата и во почетокот преку неповрзан удар во казнениот простор доби пенал од ненамерна игра со рака. Од белата точка во 12 минута капитенот Џош Фрејм прецизно ја изведе најстрогата казна за 1:0. Следеше долга опсада на голот на Даутон но до крајот на првото полувреме резултатот остана непроменет.
Во второто полувреме се играше 57 минута кога Ноша Шехавдиќ најпосле успеа да ја затресе мрежата за заслужено израмнување од 1:1. Престон Македонија продолжи да напаѓа со надеж да се постигне и вториот гол, додека домаќинот постојано одолговлекуваше и симулираше фаули со долги прекини.
Во еден момент Роб Стамболџиев имаше извонредна шанса во 66 минута и од непосредна близина успеа само да ја погоди стативата. Следеше акција пет минути подоцна и Матју Киндари исто така ја здрма стативата но повторно без гол останаа “лавовите“.
Среќата беше наклонета на домаќинот и до крајот резултатот остана нерешен.
Во сабота, на 16 април, Престон Македонија гостува кај Нанавадинг Сити со почеток во 15 часот.