Иако добро одиграа фудбалерите на Престон Македонија во првото полувреме имаа неколку убави шанси и удари кон голот на одмор заминаа без голови 0:0.
Хендикеп беше што Андреа Роксандиќ доби повреда и не можеше да продолжи во вториот дел. Тренерот Љупчо Ацевски направи итна замена и Крис Давис влезе во второто полувреме на местото на Роксандиќ. Во тимот влезе и Роб Стамболџиев за засилување на нападот, но тоа даде обратен ефект и за дваесетина минути целосно беше потопен бродот на Престон Македонија.
Се играа првите моменти од второто полувреме и прекрасна завршница имаше Ејџеј МекФи во 49 минута, кога успеа да изненади и донесе водство за домаќинот од 1:0. Следеше слободен удар за Престон и Конор Бел извонредно го изведе затресувајќи ја горната греда но повторно “лавовите“ останаа без гол. Едвај поминаа пет минути а Нанавадин веќе водеше со 2:0, стрелец беше Џош Варга кој имаше лесна задача одбиената топка да ја смести во мрежата.
Следеа неколку напади пред голот на Престон и голема среќа имаше што не беше зголемено водството. Во 62 минута добар напад во кој Крис Давис имаше лесна задача само да ја клоцне топката во празниот гол за 2:1. Се појави надеж дека може да се направи пресврт и да се извади барем еден бод. Но следеше уште една казна кога Варга повторно се запиша како стрелец во 65 минута и го постави конечниот резултат од 3:1.
Во петок, на 22 април, Престон Македонија ја пречекува екипата на Мелбурн Виктори со почеток во 20:30 часот.