На стадионот во Епинг се играше важна средба во која се решаваше кој ќе биде на второ место на табелата, што е едно од двете што нуди промоција за следната сезона. Стрелец на единствениот гол на средбата во 38 минута беше Крис Давис, во еден брз напад после одземена топка од средината на теренот.
Ова на крај се покажа дека е доволно за освојување на трите бода.
Со победата Престон Македонија сега има предност од пет бодa над третопласираниот Мелбурн Виктори и со поголема сигурност може да игра во последните пет кола до крајот на сезоната.
Како засилување во завршницата во клубот минатава седмица дојде и играчот за среднината на теренот Џонатан Германо, кој има 34 години. Аргентинецот има претходно искуство со настапи во А–лигата во дресот на поранешниот Мелбурн Харт (сега Мелбурн Сити), и во скоро време со Авондаел во Националната премиер лига.
Во петок, на 15 јули, Престон Македонија ја пречекува екипата на Витлси Ранџес со почеток во 20:30 часот.