Најважната битка за иднината на фудбалот почнува на 11 и 12 јули – Суперлигата против УЕФА!

На 11 и 12 јули ќе започне главната битка за иднината на фудбалот, откако Европскиот суд на правдата во Луксембург го закажа сослушувањето во борбата на Суперлигата и УЕФА, по што во следните месеци, најверојатно до крајот на годината сите ќе треперат од исходот на пресудата, која ќе биде правно обврзувачка.

Од почетокот на јули почнува судскиот процес кој може многу да смени во европскиот и светски фудбал, нешто како „случајот Босман“ после кој комплетно се промени трансфер-пазарот, слободното движење на фудбалерите, уривајќи ги бариерите за неограничено движење на фудбалери, посебно на тие кои се од земјите во Европската унија.

Трите „суперлигаши“ Реал Мадрид, Барселона и Јувентус поднесоа тужба против правилниците на УЕФА околу нејзината монополска улога, односно забраната да формираат свое натпреварување кое би било ривалско на актуелната Лига на шампионите. Тужбата почна преку шпанскиот трговски суд, кој целиот процес го префрли во Луксембург на судот на правдата на ЕУ.

Суперлигашите сега на сослушување ќе се обидат да докажат дека УЕФА со блокирање на проектот ги надминала границите на своето делување и ја искористила позицијата на моќ, со што е виновна за монопол на комплетниот фудбал, што е спротивно на анти-монополските закони на ЕУ

„Делуваат како картел и ја користат доминантната позиција за организација на сите меѓународни натпреварувања на клупски план, а истата таа позиција ја имаат и врз пазарот на комерцијалните права кои се врзани со сите натпреварувања“, стои меѓу другото во тужбата.

Според најавите после сослушувањето за најголемиот фудбалски процес после тој на Жан Марк Босман во 90-те, ќе бидат потребни неколку месеци за да се донесе конечна одлука која е задолжителна? Но, европскиот парламент во ноември застана зад УЕФА, иако од Суперлигата им беше предочено дека само УЕФА има „пазар во ЕУ на кој е единствен, доминантен оператор и регулатор“. Останува прашањето дали спортските организации, чии седишта воглавно се во Швајцарија, може да се изземат од ЕУ законите за анти-монополство, иако ФИФА загуби пред две децении ваков процес по што се создаде Евролигата и клупската кошарка најголемите практично си ја водат клубовите како „приватно друштво“.

Европскиот суд на правдата ќе треба да реши и дали УЕФА може да ги казни одметниците, откако жалбата пред шпанскиот трговски суд ја добија во Нион, откако претходно им беше забрането да ги казнуваат гигантите што сакаа да формираат Суперлига, но истовремено судот на ЕУ ќе решава и дали е оправдана улогата на УЕФА да ја укине спорната Суперлига и дали ги надминала ингеренциите на моќ во одредена област.

Дванаесет најмоќни клубови во април лани објавија формирање на Суперлигата, за која како идеен творец и главен човек стои Флорентино Перез, претседателот на европскиот првак Реал Мадрид, но за 48 часа проектот доживеа фијаско, откако девет од 12-те клубови се повлекоа после големите протести на навивачите во Англија, но и сериозното вмешување на главните политички лица во случајот да се „убие“ проектот од рускиот претседател Владимир Путин, преку францускиот Емануел Макрон, британскиот премиер Борис Џонсон, кои учествуваа во задушувањето на одметниците.

Останати вести