Цените на недвижностите во Австралија повторно забрзано растат, а октомвриските податоци покажуваат дека просечната вредност на стамбените единици достигнала рекордни 872.538 долари на национално ниво. Вредноста се зголеми во сите главни градови на сојузните држави и територии.
Најсилен месечен раст забележа Перт, со зголемување од 1,9%, што повторно го поставува градот како лидер на пазарот. По подолг период на стагнација, раст е забележан и во Мелбурн (0,9%), додека Сиднејостанува убедливо најскапиот град во Австралија.
Според октомвриското истражување на агенцијата Коталити (поранешен Корлоксик), цените на домовите минатиот месец го забележале најголемиот скок во последните две години. Медијалната цена порасна за 1,1% во октомври.
Во Перт, медијалната вредност на недвижностите сега изнесува речиси 885.000 долари, што е над националниот просек. Но кога се разгледуваат податоците на годишно ниво (октомври 2024 – октомври 2025), водечки се Дарвин кој бележи пораст од 15,4% и Бризбејн од 10,8%.
Во рангирањето на најскапите градови, Сиднеј цврсто го држи врвот со просечна цена од 1.256.000 долари, што е раст од 0,7% во октомври и 4% на годишно ниво.
Бризбејн е втор најскап пазар и е многу блиску до историски момент – медијалната цена таму веројатно ќе ја надмине границата од еден милион долари до крајот на годината. Моментално изнесува 992.864 долари.
Во Мелбурн, по долг период без значајни промени, пазарот конечно оживува. Цените се зголемија за 0,9%во октомври и за 3,3% во последните 12 месеци. Просечната вредност сега изнесува околу 819.000 долари, но градот сè уште се наоѓа на шестото место по висина на цени меѓу осумте главни градови.