Најстарото наколно селово Европа археолозите го пронајдоа во Охридското Езеро

Научници открија остатоци од најстарото познато езерско (наколно) село во Европа откриено досега, објавија деновиве бројни светски медиуми.

Остатоците од селото се пронајдени под површината на Охридското Езеро, кое е поделено со границата меѓу Албанија и Македонија. Селото е пронајдено до селото Лин, на албанска страна.

Радиојаглероднa анализа на локацијата сугерира дека датира од, приближно, помеѓу 6.000 п.н.е. и 5.800 п.н.е., што го прави старo околу 8.000 години.

– Според нашите сознанија, тоа е најстарото во Европа. Тоа е неколку стотици до илјада години постаро од претходно познатите езерски места во медитеранските и алпските региони, забележа Алберт Хафнер, професор по археологија од Универзитетот во Берн во Швајцарија.

Ова археолошко откритие е резултат на четиригодишна работа на локацијата на Хафнер и неговиот тим од албански и швајцарски археолози.

Радиојаглеродното датирање доаѓа од испитување на дрвата што некогаш биле потпорници на ова наколно село а во кое, сметаат археолозите, живееле некаде помеѓу 200 и 500 жители.

Дополнително, научниците пронајдоа докази дека околу 100.000 колци биле пробиени до дното на езерото за да формираат одбранбена барикада.

Хафнер истакна дека „за да се заштитат на овој начин, морале да исечат цела шума“.

Она што останува да се утврди, на што научниците во моментов работат на откривање, е зошто селаните сметале дека им требаат такви утврдувања.

Останати вести