Непогода каква што не се памти

Силна летна бура со јак ветер, дожд и град погоди повеќе општини од северниот дел на Македонија. Најмногу настрадаа Јегуновце, Тетово, како и скопските општини Кисела Вода и Чаир. Во Тетово поплавени беа над 100 куќи па на помош на граѓаните им дојдоа поарникарите кои со моторни пумпи ја извлекуваа водата од поплавените објекти. Во неколку случаи вадени се луѓе од поплавени коли. Во еден случај возачот морало да биде изваден преку покривот и во последен миг бил спасен пред да се удави.
Причинетите штети, особено на земјоделските посеви се огромни.

-Не е прв пат ова да ни се случува, досега четири-пет пати како ни се поплавуваат куќите на ова место. Порано оградата од касарната беше со жица а покрај неа имаше одводен канал, но пред некоја година поставија кај оградата ѕид, а каналот го затрупаа и сега водата нема кај да оди и влегува право во нашите куќи. Штетите се огромни, ни се поплавени пелети, фрижидери, печки, мебел и други електрични апарати. Ние не бараме отштета од поплавиве, важно ни е еднаш засекогаш да се реши проблемот со оваа улица, вели Жарко Крстевски, чија куќа редовно при поголеми дождови последниве години се поплавува.
Да се држиме и да си помогнеме кога сме во неволја – упати порака претседателот на ЗЕЛС (заедница на 80 општини во земјата) Орце Ѓорѓиевски, кој, откако заедно со екипите од Кисела Вода ги санираа последиците од невремето во општината каде тој е градоначалник, се упати кон тетовскиот регион.
Информираше дека веднаш излегол во пресрет на барањата на градоначалниците на Јегуновце и на Тетово кои побарале помош и организирал машини за испумпување на водата.

Останати вести