Нова ера по смртта на Кралицата Оддалечување од монархијата?

За обичните Австралијци, смртта на кралицата Елизабета изгледа како губење на сакана баба. Некои беа избезумени а некои тоа го доживееа филозофски. Осврнувајќи се на живот кој траел 96 години реакциите по повод смртта на кралицата беа цврсто фокусирани на иднината, спомнувајќи дека сега Австралија веројатно ќе стане република.

Официјалните лица и луѓето од целиот политички спектар на Австралија изразија сочувство за смртта на кралицата Елизабета Втора. Прајминистерот Ентони Албанезе објави дека сака еден ден Австралија да стане република, но изјави дека не е сега време да се зборува за промени.

Тој за Австралиската радиодифузна корпорација рече дека сега не е време да се зборува за системот на владеење во Австралија, туку да се оддаде почит на кралицата Елизабета Втора, која беше посветена и лојална на Австралијците, што ја заслужува нивната почит и тага за нејзината смрт.

Албанезе претходно изјави дека одржувањето референдум за Австралија да стане република не е приоритет во неговиот тригодишен мандат.

– Австралиските срца се обраќаат на народот на Обединетото Кралство кое тагува, знаејќи дека ќе се чувствуваат дека загубиле дел од тоа што ја прави нивната нација цела. Ова е време за жалост за луѓето во Британија, ширум Комонвелтот и, навистина, ширум светот. Кралицата Елизабета Втора беше апсолутна инспирација – рече прајминистерот при положување венец во Парламентот во Канбера.

Адам Банд, лидерот на Зелените, изрази сочувство и рече дека со мислите е со семејството на починатата кралица и сите кои ја сакаа.

– Сега Австралија мора да оди напред. Потребен ни е договор со староседелците на Австралија и треба да станеме република – изјави Банд.

Лидерот на опозицијата Питер Датон изјави дека никогаш во модерната историја не постоел подостоинствен монарх, посовесен лидер и човек од Нејзиното Величество кралицата Елизабета Втора. Премиери и шефови на различни држави и територии на Австралија исто така изразија сочувство и дадоа свои изјави по повод смртта на кралицата.

Кралицата Елизабета последен пад беше во Австралија во 2011 година, кога е примена во Големата сала на Парламентот со голема љубов и како најголем пријател. Паралелно со сочувствата кои пристигнуваат од целиот свет, расте и бесот и незадоволството поради нерешените трауми на колонизацијата што за нив претставува круната. Професорот Санди О`Саливан од Универзитетот Меквори се обиде да ја објасни оваа реакција и да ја стави во историски и општествен контекст.

– За оние кои велат дека треба да бидеме великодушни поради смртта на кралицата, како потсетник таа (кралицата) повеќе пати имала големо влијание врз животите на староседелците во Австралија. Таа не била само посматрач на ефектот на колонизацијата и колонијализмот, таа беше нивниот архитект – рече О`Саливан.

Смртта на кралицата  е можност и Австралија да се сети на своето минато. Според историчарите, кога во 1974 година Австралија првпат ја усвои Advance Australia Fair, односно националната химна, се се промени. До тогаш се пеела британската химна и се носеле британски пасоши. Изминаа 30 години откога австралијскиот прајминистер Пол Китинг отишол во Балморал, во февруари 1992 година, да и каже на кралицата Елизабета дека се залага Австралија да стане република.

Секако, Китинг не ја отфрлил Елизабета со тоа што заминал за Шкотска, но ги поттикнал Австралијците да се видат одвоени од Британската монархија, што во помал обем го почувствувале при промена на националната химна. Одговорот на кралицита во тоа време бил смирен, прифаќајќи дека Австралија треба да има сопствен курс.

Останати вести