Бугарија со посебна церемонија симболично го пушти во употреба интерконекторот за гас со Грција преку кој директно ќе се снабдува од Азербејџан. Понатаму тој гас ќе може да оди и кон Молдавија, Романија, Украина, Србија итн.
На свеченоста беа присутни и премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, како и претседателите на Србија и Македонија, Александар Вучиќ и Стево Пендаровски, потоа премиерот на Романија, Николае Чиука и претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на церемонијата истакна дека интерконекторот ќе значи ослободување од зависноста од рускиот гас за регионот и ограничување на можноста Москва да врши притисок врз членките на Европската унија и другите земји.
– Денес започнува нова ера за Бугарија и Југоисточна Европа. Овој проект значи слобода, слобода од зависноста од рускиот гас. Во Бугарија и низ цела Европа луѓето ги чувствуваат последиците од руската војна, но благодарение на ваквите проекти, Европа ќе има доволно гас за зимата, рече таа.
Интерконекторот со Грција профункционира 13 години откако за првпат се појави идејата за него. Ова се случи во зимата 2009 година, кога Русија еднострано го прекина транзитот низ Украина и една недела го остави регионот без снабдување со природен гас.
Гасоводот ИГБ во должина од 182 километри започнува од Комотини и влегува во бугарската мрежа во градот Стара Загора. Со тоа и овозможува на Бугарија да ги добива целосните количини природен гас од Азербејџан и тоа по цена според долгорочен договор, а не по пазарни цени како досега. Гасот прво ќе доаѓа во терминалот за ЛНГ (Liquified Natural Gas) во Александрополис, кој е пред комплетирање.
Бугарскиот интерконектор има значење и за Македонија бидејќи ќе и овозможи пристап до складиштето за природен гас во Чилен во Бугарија, каде ќе може да се складира преку летото (кога овој енергенс е поевтин) откако ќе се купи од ЛНГ терминалот во грчкиот град Александрополис, а потоа да го користи на зима кога е најпотребен.
Уште еден гасовод што уште поцврсто ќе ја „врзе“ Грција за европските енергетски мрежи договорено е да се гради на оската Солун – Скопје, за транспорт на гас до Македонија, а оттаму кон Србија, Косово итн.