Светската здравствена организација објави дека го именувала новиот вид на коронавирус Омикрон. Новиот вид на вирус е идентификуван во Јужна Африка на 24 ноември, но варијантата Б.1.1.529, сега омикрон, е идентификувана и во Белгија, Боцвана, Хонг Конг и Израел. Светската здравствена организација соопшти дека новиот вид на коронавирус, наречен омикрон, предизвикува посебна загриженост, бидејќи има голем број мутации и се стравува дека може да биде отпорен на вакцината.
Оваа варијанта е откриена кај патник кој се враќал во Белгија од Египет на 11 ноември. Лицето ги развило првите симптоми на 22 ноември.
Британија предупреди дека новата варијанта на коронавирусот што се шири во Јужна Африка е причина за голема загриженост и дека научниците ја сметаат за најзначајна досега, бидејќи вакцините може да бидат помалку ефикасни. Земјите-членки на ЕУ се согласија привремено да ги прекинат патувањата од Јужна Африка во ЕУ. Германската компанија “БиоНтек“ (која ја разви вакцината на “Фајзер“) објави дека ќе бидат потребни две недели за да се утврди дали новиот вид на вирус е отпорен на вакцината.
Доколку е потребна нова вакцина, таа би можела да се развие во рок од шест недели, а првите дози би можеле да се испорачаат во рок од 100 дена.
Што досега се знае за омикрон
Досега се знае многу малку за новиот вид. Британската агенција за здравствена безбедност објави дека оваа варијанта има шилест протеин кој драматично се разликува од оној во оригиналниот корона вирус на кој се базираат вакцините против Ковид 19, објави Ројтерс.
Може да бидат потребни недели за да се соберат потребните информации за карактеристиките на новиот вид, а научниците стравуваат дека оваа варијанта на вирусот би можела да биде попренослива и поотпорна на вакцините од сите претходни. Научниците ја опишаа B.1.1.529 како најлошата варијанта што ја виделе од почетокот на пандемијата. Во неа се пронајдени повеќе од 50 мутации, од кои 32 на спајк протеинот. Ова е приближно двојно поголем број на мутации отколку во варијантата Делта. Мутациите на шилестиот протеин на вирусот може да му овозможат да стане позаразен, побрзо да се пренесува, но и да го заобиколи имунитетот стекнат со вакцинација или по прележан ковид.
Научниците со анализа утврдиле дека Б.1.1.529 има многу необична структура на мутации, што би можеле да му помогнат да го избегне имунолошкиот одговор на телото, кој би можел да го намали ефектот на вакцините и да го направи попренослив. Секоја нова варијанта што може да избегне вакцини или се шири побрзо од делта соевите, сега доминантната варијанта, може да претставува значителна закана, проценуваат експертите. Првичните анализи од дијагностички лаборатории сугерираат дека варијантата брзо се проширила во Гаутенг, провинција во Јужноафриканската Република, и дека можеби веќе е присутна во останатите осум провинции на таа земја.