Во европските институции во Брисел повеќе од десетина дена циркулира нон-пејпер, во кој се изнесуваат бугарските ставови за евроинтегративниот процес на Македонија и исполнувањето на обврските кон Европската Унија. Во него се тврди дека актуелната влада во Скопје развила манипулативен наратив во обид да изгради алиби за недостатокот на напредок и да ја префрли одговорноста од себе на надворешни фактори.
Во документот се вели дека Бугарија постојано изјавува оти не постојат дополнителни услови освен целосното спроведување на ЕУ консензусот од јули 2022 година, („францускиот предлог“ – н.з.), но истовремено укажува дека нема да се исклучи од процесот на одлучување во текот на преговорите, па затоа покрај досегашните поврзани со барањето за внесување на Бугарите во Уставот, ги нотира и забелешките за корупција. Притоа се повикува на постојаните негативни наоди во извештаите на Европската комисија за напредокот во процесот на проширување. Во нон-пејперот се вели дека ендемската корупција е примарната причина поради која Македонија нема напредок во најважните реформски области. Бугарија смета дека корупцијата го оневозможува воспоставувањето на владеењето на правото и го кочи развојот на судството и на демократските институции. Таквата состојба ги загрозува и темелните права на граѓаните, вклучувајќи ги и правата на заедниците во државата.
Во однос на јазикот и идентитетот, во нон-пејперот се наведува дека Бугарија не го оспорува правото на самоидентификација на граѓаните и дека идентитетските прашања не спаѓаат во опсегот на процесот на пристапување во ЕУ и политиката за проширување на ЕУ.
Софија тврди дека го исполнила својот дел од пакетот со одобрување на договорот со ФРОНТЕКС и почетокот на скрининг процесот.
Според бугарскиот нон-пејпер, станува очигледно дека сериозен системски проблем е недостигот на политичка волја за спроведување тешки, но суштински реформи. Тоа се прикрива со барања за ревизија на договорената рамка, што лажно се оправдува со вештачко вклучување прашања кои се сосема неповрзани со процесот на проширување. Истовремено бугарската страна го отфрла предлогот на македонските власти за одложено влегување во сила на уставните измени. Во документот се објаснува дека вклучувањето на Бугарите во Уставот е само почетна точка за заштита на нивните права, а одложеното дејство е спротивно на логиката на европскиот консензус.
На крајот, се додава дека актуелните геополитички околности нудат единствена шанса за напредок, но тој прозорец нема да биде отворен засекогаш и бара вистинска политичка волја за суштински реформи.
Нон-пејпер е неформален, неофицијален документ што се користи во дипломатијата особено во рамките на ЕУ, за да се пуштат во оптек идеи, да се тестираат реакциите на одредени предлози или да се гради консензус, без авторот правно да се обврзе.