Уште еден тениски великан нема повеќе да го гледаме оваа година. По Роџер Федерер кој одново се соочува со проблеми со коленото, крај на сезоната потврди и Рафаел Надал.
Шпанскиот ас потврди дека поради проблеми со стапалото е приморан одреден период да се повлече од АТП турнирите и на терените очекува да се врати на почетокот на следната сезона.
– Се борев многу повеќе отколку што треба со стапалото и сега морам да одморам. По разговорот со тимот и семејството, донесена е одлука да се посветам на заздравувањето. Оваа година пропуштив многу турнири што ми значат, како Вимблдон и Олимписките игри, а сега нема да играм ниту на УС Опен.
Морам да променам многу работи, за да видам што е најдобро за моето стапало. Повредата не е нова, ја влечам уште од 2005 година. Многу работи досега не одеа добро, па дојде време да донесеме одредени одлуки. Ќе морам да поминам малку поинаков третман за да најдам решение и да си овозможам да ја продолжам кариерата уште неколку години, соопшти шпанскиот тенисер. Надал нови болки во стапалото почувствувал на дуелот против Новак Ѓоковиќ во полуфиналето на Ролан Гарос, а веднаш после тој Грен Слем беше поразен и од Лојд Харис.